Македонија
10. February 2017 - 8:33

Денови на кинески филм во Кинотека од утре до 16 февруари

Во Кинотеката на Македонија од утре до 16 февруари ќе се одржуваат Денови на кинески филм и ќе бидат прикажани пет филмови од кинеската кинематографија снимени во периодот од 2003 до 2013 година.

Филмската ревија утревечер ќе почне со документарниот филм „Залак од Кина: Подарокот од природата“ од 2012 година, посветен на историјата на храната, јадењето и готвењето во Кина.

Во понеделник публиката ќе може да го види играниот филм „Равенка за љубовта и смртта“ по сценарио и режија на  Баопинг Цао, снимен во 2012, а во наредните денови ќе бидат прикажани и играните филмови: „Двајца стануваат еден“ од 2006 во режија на Винг-чеонг Лоу; „Телефон“ на режисерот Сјаоганг Фенг снимен во 2003 и „Љубовен миг“  во режија на Гавин Лин од 2013 година.