Бизнис
1. August 2015 - 9:19

Денеска стапуваат во сила законските измени за укинување придонеси за хонорарци

Законските измени со кои се овозможува укинување на плаќањето придонеси за здравствено и пензиско осигурување за хонорарци  стапуваат во сила денеска.

Според измените, што во Собранието беа донесени по скратена постапка, лицата кои оствариле приходи по основ на извршена физичка или интелектуална работа од договор за дело или авторски договор или друг вид договор нема да плаќаат придонес за пензиско и здравствено осигурување.

Ваквото решение, според Владата, уследило по анализите кои покажале дека неколку мерки што во меѓувреме ги спроведоа ги исцрпеа ефектите што сакаа да се постигнат. 

 - Во последните три месеци се  рализираше и проектот „Македонија вработува“ која што овозможува ослободување во период од една до пет години од плаќањето на придонеси на лица што ќе бидат вработени  од страна на приватниот сектор и со тоа практично околу 4.000 лица во РМ веќе имаат стекнато статус на редовен работен однос и за нив се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување, изјави вицепремиерот и министер за финансии  Зоран Ставрески.

Вториот проект  кој исто така  реши добар дел од проблемот на лицата што порано беа ангажирани со договор на дело и авторски договори, посочи Ставрески, е во сегментот на трансформација на работниот однос во рамки на јавниот сектор. Со ова, како што рече, на лицата кои долги години беа ангажирани со договори на дело и слични други типови на договори им се трансформираше работниот однос во редовен работен однос и со тоа на тие лица сега им се уплаќаат придонеси и за пензиско и за здравствено осигурување што значи кај тие лица е решено прашањето на користење на услугите и унапредување на работничките  права.

Според Ставрески, со ова решение Владата излегува и во пресрет на барањата кои во јавноста беа изразени бидејќи, како што рече, нашата намера беше да помогнеме во делот на регулирање на правата од работен однос и исто така да овозможиме сите лица да имаат рамноправен статус, а сепак во јавноста се создаде слика дека постојат други причини поради кои се прави како полнење на буџетот. 

- Со оваа мерка со укинувањето на придонесите докажуваме дека тоа не беше случај бидејќи од друга страна на начинот како фунцкионираше тоа приходите не беа толку значајни за буџетот. Сакам да кажам дека се работи за износ на средства кои на годишно ниво се околу 220 до 250 милиони денари што покажува дека немаше никаква намера и дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку целта е едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор и немаат никакви уплати на придонеси во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и според тоа ги немаат тие права што ги нудат уплатите на придонесите, рече Ставрески.