Македонија
6. October 2015 - 14:12

Денеска се слави Светиот новомаченик Јован

Светиот новомаченик Јован

Родум од местото Коница во Албанија. По род е муслиман, од родители муслимани. Но подоцна, штом ја виде чудесната сила на христијанската вера на разни места и во разни случаи, тој се крсти. За ова беше обвинет и изведен пред турски суд. Намачен е за Христовата вера од Турците во Етолија и убиен со меч после мачење, во 1814 година. Пред смртта возвикна: „Спомни си за мене, Господи, во царството Твое!“ 

Светиот новомаченик Никола Пантопол

Како момче пострада за Христовата вера од Турците во Цариград, во 1627 година. Таму се беше преселил татко му од Тесалија. Името Пантопол значи оној којшто продава с ѐ и сешто, а Никола го стекна бидејќи неговиот татко држеше ваква продавница. После многу принудувања да се потурчи и мачења затоа што не сакаше да се потурчи, го убија со меч. Моштите му почиваат во манастирот Ксиропотаму на Света Гора.

Светата маченичка Ираида

Негде ја нарекуваат Раис или Раида. Таа е девица од некој мисирски град Ватан, значи по с ѐ изгледа Мисирка. Еднаш Ираида излезе да нацрпи вода од бунарот во близина на морето и здогледа кораб наполнет со врзани христијани: свештеници, ѓакони, монаси, жени и девојки. Се распраша и дозна дека сиот тој народ мачители-незнабожци го водат за да го мачат на смрт заради името на Господ Исус Христос. Во срцето на младата Ираида се разгоре желба и самата да пострада за Господ. Ги остави садовите крај бунарот, влезе во коработ и исповеда дека и таа е христијанка. Веднаш и нејзе ја врзаа заедно со останатите и ја одведоа во мисирскиот град Антинопол. После разновидни измачувања, најпрво ѝ ја отсекоа главата на Ираида, а потоа на останатите. Чесно пострада и се прослави во 4 век.