Македонија
20. March 2018 - 8:51

Денеска се празнуваат светите седум маченици Херсонски

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 март.

Денеска е Св. седум свештеномаченици Херсонски: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон

Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ. Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата. Ефрем го убија со меч. Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења с ѐ дури не Му ги предадоа своите души на Бога. Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно. Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. Тогаш сите повикаа: „ Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината. За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на Св. Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.