Македонија
12. јуни 2018 - 8:33

Денеска новo рочиште за случајот „Монструм“

 Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Монструм“ .

Судењето за случајот „Монструм“ на СЈО, за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, треба да продолжи со репродуцирање на снимка од исказот на обвинетиот Хаки Азири дадена пред јавен обвинител.

Снимката од исказот ќе се гледа на барање на Фатиме Фетаи од СЈО, откако поради технички причини на минатото рочиште беше прочитан само писмениот записник.

На него Азири, кој од заштитен сведок станува обвинет, кажува дека на 12 април ги возел со своето возило „Мазда 626“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од обиколница Скопје до неговиот дом и тие му кажале дека извршиле убиство, поради што тој кажува дека е загрижен за својата безбедност и на своето семејство и бара заштита пред судот. Според исказот на Африм, тие пристигнале со црвена „Опел омега“ и кога влегле немале оружје, но носеле ракавици и капи.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.