Македонија
14. January 2016 - 17:53

Денеска е Нова година според календарот на МПЦ

Верниците  денеска ја слават православната  Нова година. Со молитва за благосостојба во претстојното лето Господово, архиепископот г.г Стефан во својот молидбеник побара благосолов за целата татковина, да биде заштитена од глад, потопи, земјотреси,од војна и болести, несреќи и тага. Поглаварот на МПЦ во храмот Св Илија ја одржа светата Василијева литургија , Црквата денеска го слави  Свети Василије Велики,  на овој ден се обележува и Обрезанието Христово,  8от ден од Неговото раѓање,  кога бил брезан во божјиот храм. Денот кога го добил и името Исус.  

Со голема почит и радост да му благодариме на Господ што не удостои да изживееме уште едно лето Господово, порача отец Драги Костадиновски. Свештениците ги потсетија верниците да ги негуваат христијанските вредности и да го следат примерот на Василије Велики.  

Домаќинките и за овој ден подготвуваат  лепче или погача со паричка во чест на Св. Василиј Велики.  Според житието, тој се смета за еден од најголемите Отци во Христовата Црква кој живеел во 4от век во Кападокија, важи за мудар и дарежлив кој успеал да го избрка злото на епархот кој бил алчен човек и  со својата војска  го ограбувал градот. Лепче со паричка за прв пат тој поделил откако претходно го побарал сето богатство од народот за да му го понуди на епархот, кога тој одбил да го земе, св. Василије во лепчиња ги распределил златниците и ги разделил по луѓето во храмот. На тој начин секој повторно го добил она што го понудил.

Од тогаш овој обичај прераснал во традиција. Се верува дека оној кој ќе ја пронајде паричката го добива благословот на Василиј Велики за претстојната година.

Во црквата се смета како голем поборник за православната вера, пристаниште на моралната чистота и столб на Црквата,основач на монашката традиција во источното православие.