Живот
8. May 2019 - 12:32

Денеска е Марковден - еве како се слави овој ден

Свет апостол и евангелист Марко е христијански апостол и светец, сопатник и помошник на Апостол Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Мисир. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Мисир. Мисир беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија и Пентапол.
 
Славење и обичаи
Неговиот спомен се празнува на 8 мај/ 25 април и не се смета за тежок празник. Во Гевгелиско мажите работеле, а жените го држеле за празник. Се празнувал за заштита од град. Се верувало дека ако работат град ќе го отепа полето. Поради тоа никако не влегувале во бавчата или во лозјето. Во селото Гореме, Светиврачко, овој ден бил празник на селото. Над селото имало мала височинка што се викала Кукувица и тоа место се сметало за свето место што е под заштита на светиот евангелист Марко. Не се знае од кога, но најверојатно од заселувањето на селото на овој ден, на тоа место се давало курбан за тој светител. Курбаните се колеле денот пред празникот, односно на 7 мај.
 
Пред да се заколеле курбаните свештеникот читал соодветни молитви. Кога ќе ги заколеле курбаните биела камбаната и престанувал секаква работа: орање, сеење, копање и др. Сите курбани се готвеле во големи селски котли под ридот Кукувица. За тоа време жените готват храна како: оризарник, баница, погача и др. Околу четири часот попладнето ја товареле храната на коњи и целиот народ одел на ридот Кукувица. Таму свештеникот светел вода и сите ги попрскувал со неа. Потоа ги кадел трпезите по што ја ставале храната. Мажите седнувале на софрите, а жените раздавале од храната. Откако ќе јаделе започнувале со ора и песни. На стемнување се враќале во селото каде што продолжувала веселбата до доцна во ноќта. Утрото на 8 мај, на денот на св. евангелист Марко, се служела божествена литургија, а потоа се правела веселба со ора и песни што траела цел ден. Во селото постои и легенда за Св. Марко.
 
Легендата раскажува дека во турско време на селаните им било забрането на Марковден да одат во месноста Кукувица, и им било наложено вода да светат во селото. На местото Кукувица Турците направиле касарни и тука престојувала војската. Секоја ноќ на начелникот му се јавувал белобрад старец со бела капа на главата и на неа крст, во рацете држел патерица и многу го мачел неговиот син. Начелникот загрижен за страдањата на својот син пошол кај еден старец во селото и му ја раскажал својата мака.
 
Овој веднаш се сетил дека тоа е светецот кој му се озмаздува затоа што забранил на неговиот ден да одат на местото Кукувица и да светат вода. Потоа повикале и свештеник кој му го кажал истото. Тогаш Турчинот го замолил свештеникот да свети вода на Кукувица и да ги попрска касарните и војниците со светена вода. „Се поклонувам пред тој ваш свет обред“, рекол Турчинот. Оттогаш веќе син му ништо не го мачело. Потоа на селаните им дозволил на ридот Кукувица да го изведуваат обредот и да светат вода како и порано. А кога се приближил празникот Турчинот подарил три овни да ги заколат за курбан на празникот Св. Марко.
 
Друго народно верување
Според народното верување ако на Ѓурѓовден некој го дочекал утрото во постела или тој ден некој му предал сон – значело дека во текот на целата година ќе биде дремлив, а можеби и болен – тој треба да отспие и на Марковден, зошто така ќе се „излечи“ од поспаност и болест.
 
Ако не сте дремнале на Св. Ѓорѓи, немојте ни на Марковден зошто цела година ќе бидете троми и поспани.
 
Значи, ако не сте го преспале Ѓурѓовден, вечерва легнете во некое нормално време, за да се разбудите наутро наспани и весели, а ако сте го преспале Ѓурѓовден вечерва легнете кога сакате и слободно преспијте го и Марковден.