Балкан
3. May 2019 - 21:58

„Денешниот протест е продолжување на граѓанската непослушност“ - Албанската опозиција ги блокираше сите главни патишта

Албанската централнодесничарска опозиција, предводена од Љуљзим Баша, вчера попладне ги блокираше главните патишта во сите 12 региони на Албанија.
 
Ова е единаесетти пат опозицијата да протестира од февруари, кога опозициските пратеници го напуштија парламентот и се откажаа од своите мандати, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, како и формирање преодна влада што би подготвила предвремени избори, јави новинската агенција Анса.
 
„Денешниот протест е продолжување на граѓанската непослушност“, рече Баша, кој одлучи да ги бојкотира и локалните избори на 30 јуни.
 
Тој се закани дека нема да дозволи локалните избори да се одржат на ниту едно избирачко место.
 
Според него, формирањето преодна влада е последната шанса „да се избегне општ судир меѓу народот и нелегалната власт“.
 
Италијанската агенција вели дека албанските власти, сепак, немаат намера да попуштат и дека неколку пати повториле дека локалните избори ќе се одржат на закажаниот датум.
 
Премиерот Рама денес рече дека секој е слободен да одлучи дали ќе учествува на изборите или не.
 
Тој потсети дека албанскиот кривичен закон предвидува екстремно тешки казни за оние што го попречуваат изборниот процес.