Македонија
2. September 2019 - 14:16

Дендиас: Северна Македонија да биде обврзана да го спроведе Договорот од Преспа

 Нема да дозволиме варирања од договореното, потребно е Северна Македонија да биде обврзана да го спроведе Договорот од Преспа, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервјуто за грчкото радио „Алфа989“, jави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас додава дека ова му го разјаснил на Никола Димитров за време на нивната средба во Хелсинки, од кој добил потврда за намерите на владата во Скопје да се придржува кон договореното.

– Сега треба Скопје, Северна Македонија да биде обврзана да го спроведе договорот. Забележувам обид да се спроведе. Забележувам и отпор од тамошниот државен механизам. За ова, ние нема да дозволиме варирања. Ова му го разјаснив на господинот Димитров. Морам да кажам дека ми потврди за намерите на владата на Северна Македонија да се придржува кон договорот каков што е, не постоеше контра одговор. За ова, имаше договор. Но, ова е нешто што го забележуваме и сакаме да го видиме. Нема да бидеме благонаклонети истражувачи, ќе бидеме прецизни набљудувачи, вели Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија се согласува со коментарот на новинарката дека на средбата со Димитров не биле упатени покани од ниедна страна, но истакнува дека треба да се направат напори за градење на нов однос меѓу двете земји. Паралелно  испраќа порака до Северна Македонија и Албанија, да го следат европскиот модел како земји што сакаат да станат дел од европското семејство.

-Покани во овие околности не беа упатени. Да не се лажеме со Скопје, со Северна Македонија, да се навикнеме на нивното ново име, поминавме долг период на сомнежи, разлики итн. Секако, да се обидеме да изградиме нов однос, но треба да се вложи капитал и од другата страна, ќе треба да видиме вложена добра волја и кредибилитет. Грција е тука да помогне. Ние сме европска земја на Балканот, не сме балканска земја во Европа. Ќе ја пренесеме европска перцепција и во нашите соседни земји. Но, треба и тие да ја делат оваа перцепција. Секако и Северна Македонија и Албанија сакаат да припаѓаат во Европа. Па така, еве една убава шанса да го сфатат европскиот модел и да го следат, а не да се влечат зад обиди да избегаат од она за кое што се согласиле, вели шефот на грчката дипломатија.

Во однос на тоа дали Грција во октомври ќе даде зелено светло за европската перспектива на Северна Македонија, Дендиас истакнува дека потребно е почитување на договореното.

– Ако, ако, ако, три пати велам ако, се придржуваат кон договореното, толкувано на строг начин, одговара министерот за надворешни работи на Грција.

Во интервјуто за грчкото радио, за позицијата на Нова демократија како опозиција и сега како влада, Дендиас го повтори ставот на Мицотакис дека „ако договорот се потпише, тогаш ќе треба да се почитува“, бидејќи „државата има континуитет“, а не дека рекол оти ако биде избран сѐ ќе смени.