Македонија
17. October 2017 - 17:17

Ден на Здружена оперативна команда со воена свеченост одбележан во кумановската касарна „Боро Менков“

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Здружената Оперативна Команда (ЗОК), со воена свеченост денеска го прослави денот на единицата 17 октомври.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на ЗОК бригаден генерал Зоран Милески, претставници од АРМ, Министерството за одбрана воените аташеа, команданти на единици, претставници на државни и локални институтции.

Со одлука на претседателот на Македонија, 17 октомври е определен за Ден на ЗОК, како спомен на одбележување на значајните историски настани врз коишто се темелат традициите во Армијата на Република Македонија. На 17 октомври 1887 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското-кресненско востание кој воедно е и ден кога е кренато востанието.

Иванов во говорот пред присутните истакна дека ова е голем ден и празник за Здружената Оперативна Команда. Тој додаде дека во изминативе 25 години ЗОК значајно придонел во развојот на АРМ, продолжувајќи го контитнуитетот на поранешната Команда на копнената војска, која со реформите во АРМ за приближување кон НАТО се преструктуираше во ЗОК.

Припадниците на најголемата оперативна команда на АРМ со пригодна програма на достоинствен начин го одбележаа денот.

- Како врховен командант можам да констатирам дека ЗОК чекори смело кон исполнување на сите миси и задачи, оставајќи силен белег во достигнувањето на високите стандарди на Армијата, рече Иванов.Иванов во Куманово

Со ефикансноста во командувањето и контролата со потчинетите единици, додаде, како и со планирањето и модерната обука со персоналот ЗОК се наметна како една од главните столбови на кои се потпира Генералштабот на АРМ. Тој им одаде признание за успешноста и посветеноста на сите генерации припадници на АРМ кои изминативе 25 години професионално ги извршувале задачите.

- Како и досега, очекувам припадниците на ЗОК со нивните успеси да ја трасираат иднината на штабното работење во АРМ. Во оваа пригода посебно сакам да го истакнам придонесот што како командант го давате во подготовката и во водењето на мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ОН, но и во реализација на голем број вежбовни активности во земјава и странство. Сонот на Димитар Поп Герогиев Беровски, Дедо Илјо Малешевски и востаниците за слободна Македонија е исполнет, а ваша постојана обврска е да продолжите по патот на успехот, рече претседателот.

Пред присутните се обрати бригаден генерал Зоран Милески, кој се осврна на исторските моменти од востанието. Милески рече дека на овој ден се потсетуваат на сите припадници на ЗОК кои во изминатите години ги вградиле своите животи во изградбата на АРМ и на ЗОК.

Тој во говорот зборуваше и за постигнатите резултати во тековната година, меѓу кои и јакнењето на борбената готовност на ЗОК, помошта за населението при справувањето со пожарите, санирањето на последиците, доделувањето на хуманираната помош.

Командандот Милески се осврна и на постигнатите резултати во процесот на обука и истакна дека учествувале на 20 меѓународни вежби во земјава и странство, нагласувајќи дека со успех е презентирана борбената подготвеност и интероперабилност со членките на НАТО, како стратешка определба.

Милески се осврна и на реализацијата на вежбата на АРМ „Македонски блесок“, а подвлече дека македонското знаме се вее во Авганистан, БиХ, Либан.

- Нека денешниот ден ни биде инсприрација, пред се во тоа колку е важно да се имаат јасни цели и одлучност во постигањето на истите. Оваа команда и вие кои работите во неа, во целина имате способност за планирање и реализирање на сложени операции, што за нас претставува суштинска важност и приоритет. Верувам дека секој од вас, поединечно и во сите вас како цврст колектив, а убеден сум и понатаму, цврсто и непоколебливо ќе продолжите со јакнењето на вашето знаење, умеење и воените вештини како предуслов во изградбата на една силна ЗОК и во тој контекст на Армијата во целина, рече Мислески.

На свеченоста по повод денот на ЗОК од страна на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, и Командантот на ЗОК беа доделeни пофалници и награди за постигнати резултати, како и унапредувања во повисок чин на припадници на ЗОК.