Бизнис
5. November 2015 - 14:00

Ден на претприемачот: Во Македонија има претприемачки дух и иновативни проекти

Во Македонија има претприемачки дух и иновативни проекти, но потребно е да се поттикнат и охрабрат луѓето да ги имплементираат идеите и да создадат свој бизнис.

Ова беше истакнато на денешното одбележување на 10. Европски ден на претприемачот и Европската недела на мали и средни претпријатија организирани од Европската бизнис асоцијација.

Од 101.600 регистрирани компании во Македонија денес 98 илјади се мали и средни компании кои се сметаат за важен сегмент од македонската економија.

- Тоа се компании со идеи и динамизам кои се подготвени да прифатат поголеми предизвици и ризици. Се надевам дека кога ќе го славиме 20 годишниот јубилеј, ова ќе бидат големи компании на кои ќе се потпира македонската економија, истакна Глигор Бишев, претседател на Европската бизнис асоцијација.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, претприемачите се најважниот сегмент во економијата на една држава на долг рок.

- Владата на Република Македонија во своите политики и програми низа години наназад презема активности за поттикнување на претприемништвото тргнувајќи од помошта за луѓето кои сакаат да основаат старт ап компании до програми како што се поддршката со кредитната линија преку Европската инвестициона банка, рече Пешевски.

Во изминатиот период, како што нагласи, преку програмата за самовработување се алоцирани 25 милиони евра и се отворени 7.600 компании, а со средствата од кредитната линија на Европската инвестициона банка се поддржани над 1.600 компании и се отворени над 6.600 нови работни места.

- На натпреварот за најдобар проект од програмата „Самовработување“ што се организираше пред неколу недели, имав можност да се сретнам и да зборувам со дел од лицата кои започнаа сопствен бизнис преку оваа програма. Ме радува што голем број на микро фирми се отворени со поддршка на Владата, а уште повеќе сум задоволен затоа што дел од фирмите од микро прераснаа во средни претпријатија со околу 50 вработени, што значи дека паметно и плански ги спроведуваат своите проекти, рече Пешевски.

Тој апелираше до младите и до сите оние кои имаат некаква идеја да се охрабрат и да побараат помош во поголемиот број програми што им се нудат за да започнат бизнис. 

Одбележувањето на Европскиот ден на претприемачот и Европската недела на мали и средни претпријатија се одржува и со поддршка на Град Скопје.

- Мерките за побрз развој на овој сектор во државата кои се носат на централно и локално ниво се темелат на стратешки и плански приод со единствена цел – достигнување на конкурентска положба на нашето стопанство која ќе овозможи негово рамноправно натпреварување на глобалниот пазар, со што значително ќе се унапреди животниот стил и стандард на граѓаните во  градот Скопје и во Република Македонија, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. 

Во рамки на одбележувањето ќе бидат претставени 10-тина иновативни проекти од кои ќе бидат избрани најдобрите два, кои ќе се натпреваруваат на регионалното натпреварување во Софија.