Свет
1. March 2019 - 8:55

Демонстрантите побараа смена на Порошенко

Неколку стотина луѓе синоќа протестираа во Киев барајќи смена на претседателот на Украина, Петро Порошенко.

Актуелниот претседател, кој е кандидат и на изборите што се закажани на 31 март, е мета на напади откако новинарска истрага поврза еден од неговите блиски соработници со наводна проневера на воени средства.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Има многу кандидати, но само еден е крадец“, алудирајќи на мотото на Порошенко – „Има многу кандидати, но само еден е претседател“.

Порошенко негира вмешаност во проневерата и побара Обвинителството да го испита случајот.

Рејтингот на Порошенко драстично е намален поради сеприсутната корупција и економските проблеми кои уследија по руската анексија на Крим во 2014 година.

Според анкетите, актуелниот претседател е на второ место, зад комичарот Володимир Зеленски.