Македонија
12. August 2022 - 16:39

Демолиран дигиталниот споменик на Прличев во Охрид

После нецели 48 часа од промоцијата вандализиран паметниот споменик на Виртуелниот Прличев во Охрид. Непознати лица го пресекле доводот до електричната енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите а се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер.

Причините како што вели професорот Анис Сефиданис за Сител не се знаат иако претходно имале неколку опомени и закани пред самото поставување на споменикот.

Сефиданис вели дека материјалната штетата е занемарлива и тотално неважна во споредба со духовната која е нанесена на проектот за духот и делото на Григор Прличев.

Граѓаните се згрозени од оштетувањето на новиот спомениk кој ја потикнува промоцијата во градот.

Од СВР Охрид пак велат дека вандалскиот чин е пријавен во полициската станица направен е увид и се работи на пронаоѓање на сторителите и расветлување на случајот.

Инаку дигиталниот паметен споменик кој е поставен на плоштадот на уметноста Долна Порта ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид.

Воскреснувањето на Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.