Македонија
30. January 2023 - 19:42

Демократски сојуз предлага формирање на македонски ФБИ за борба со криминалот и корупцијата

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов бара формирање на Агенција која ќе се бори со корупцијата и организираниот криминал. Предвидува да има 50тина вработени со плати од 2 илјади евра. За да го добијат работното место ќе се тестираат на детектор за лаги.

Функционерите кои се подложни на корупција и криминал да ги гони специјална Агенција предлага Демократскиот сојуз. Институциите кои сега ја имаат таа задача, според Павле Трајанов, не ја извршуваат, а како што вели, и сите се партиски контролирани.

„Власта секогаш била против да се формира институција која нема да ја контролираат. Овие постојни институции се под целосна контрола на партиите на власт. Така ги поставуваат директрорите, така тие функционираат и досега, нема покрупен случај откриен од овие институции“, вели Павле Трајанов, Претседател на Демократски сојуз.

Агенцијата е предвидено да брои 50тина вработени со плати од 2 илјади евра, а за да го добијат вработувањето, ќе мора да минат и на детектор за лаги. Нивна задача ќе биде откривање на скриен имот, коруптивно однесување и конфискација на имот за државни функционери. Од антикорупциска не се против формирање нова агенција, но сметаат дека борбата со корупцијата може да ја водат и постојните институции.

„Се поставува прашањето, дали е потребно ново тело, онака како што е образложено во законот, или можеби со зајакнување на веќе постојните тела што се воспоставени и со закон, меѓутоа кои немаат доволно капацитети“, изјави Владимир Георгиев, Член на ДКСК.

Експертите очекуваат дека новото тело ќе ја подобри борбата со корупцијата.

„Ние имаме сериозен проблем во откривачкиот дел и во делот на гонењето каде што 2/3 од криминалот од непознати причини од корупцијата остануваат неразрешени и непроцесуирани“, изјави Гордан Калајџиев, Универзитетски професор.

За формирање на Агенцијата за борба против организиран криминал и корупција ќе се бара поддршка од Собранието.