Македонија
6. February 2019 - 10:54

Демократски сојуз: Потребни се реформи и работа

Не намалувајќи ја важноста на претседателот на Република Македонија, Демократскиот сојуз, смета дека претседателските избори треба да се одвиваат во фер политички натпревар и без парализа на реформските процеси кои се предуслов за ратификација на Протоколот за полноправно членство во НАТО и започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ.

Во оваа насока Демократскиот сојуз инсистира на следното:

1. Робусна и ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата, посебно против институционалниот криминал.

Државата мора на ефективен начин да се справи со сите што ја попречуваат правдата и ефикасната борба против криминалот.

2.Реформа на правосудниот систем, преку преиспитување на работата на секој судија и обвинител, како и носечките кадри во службите за безбедност.

Без расчистување на монтираните политичко-судски процеси, судиите и натаму ќе бидат инструмент на партиите и криминалните политичко-бизнис групации, за остварување на нивните цели.

3.Реформите на безбедносните служби треба да бидат суштински и во чекор со современите трендови, кадровската обнова и воспоставување на цивилна контрола над нив.

Работната верзија на Законот за внатрешно разузнавање треба целосно да се преработи и во подготовката да се вклучат експерти-познавачи на разузнувањето и системот за безбедност во целина.

4.Администрацијата треба да биде ефикасен сервис на граѓаните и гарант за стабилност и функционирање на државата.

Коренити промени при селекцијата и приемот на работа и задржување на позициите во администрацијата.

Селекцијата да се врши врз основа на три критериуми: постигнат успех при школувањето, рангот на факултетот и време на чекање за работа.

5.Слободата на говорот, објективното информирање и транспарентноста на власта, само ќе не вброи во слободните држави, но мора да се разработи и стратегија против лажните вести и партиско-манипулативните “медиуми“.

Државните институции мораат следните четири месеци да постигнат резултати, доколку сакаме да фатиме чекор со европските вредности и стандарди и Македонија да биде на “брзата лента“ за членство во Европската унија.