Македонија
8. November 2018 - 15:14

Делков: Затекнав хаотична состојба со милионски долгови во општина Неготино

Затекнав хаотична состојба со милионски долгови во општината, рече неготинскиот градоначалник Тони Делков на свечената седница по повод 74 години од ослобоодувањето на Неготино. Тој нагласи дека затекнал заглавени и замрзнати проекти во делот на водоснабдувањето и патната инфраструктура, сообраќаен хаос, долгогодишни наталожени проблеми на граѓаните.

-Преземав  и преземам мерки и активности кои не се ниту посакувани, ниту популарни, но многу реални за да се реашат одредени прашања. За мене човечките ресурси се најважниот фактор за успехот во општината .Токму поради тоа целиов овој период се обидувам во духот на тимската работа, да ги промениме долгогодишните навики кои не вродувале успех,  а цената за тоа ја плаќале граѓаните, додаде тој.

Со домаќинско работење, рече, со кратење на голем дел од трошоците, со помош од Владата, но и со навремена наплата на сопствените приходи на општината, се успеа во менаџирањето на лошата финансика состојба.

-Заедно со мојот тим веруваме во европските вредности и затоа ги користиме продобивките од европските фондови што  Европската унија ги нуди за Македонија. Проектите кои ги зацртавме во изборната програма  пред една година,со сигурност во добар дел  стануваат реалност. Ние сме убедени дека само со правилно искористување на европската помош, нашата општина може да стане подобро место за живот. Европските средства ги насочивме во подобрување на условите на животната средина, во канализациски системи, во енергетската ефикасност и заштеда, во подобрување на условите за модерно земјоделство, во рурален развој и развој на туристичките потенцајли кои ги нуди општината.Тоа се проекти кои се во тек, кои ќе продолжат во следниот период, проекти кои нудат одржлив развој пред се, рече Делков.

Природните услови и добрата местоположба на Неготино, нагласи, даваат уште еден импулс повеќе дека инвестициската клима може да биде многу подобра од тоа што е денес.

-Како градоначалник и како општина остануваме и понатаму отворени на меѓународен   план, но пред се отворени за  граѓаните, за децата, за учениците, за младите и за пензионерите, додаде неготинскиот градоначалник на свечената седница, на која беа доделени и општинската награда и неколку признанија.