Македонија
19. February 2016 - 12:55

Делегацијата на ЕУ организираше предавање за кривопаланечките средношколци

Во организација на Делегацијата на ЕУ во Македонија и ЕУ-инфо центарот од Скопје, а во соработка со ЕУ-инфо точката при локалната самоуправа на општина Крива Паланка, денеска во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ во градот се одржа предавање на тема „Европска унија, програми и можности“. 

- Средношколците имаа можност да слушнат за бенефитите од програмите на ЕУ за размена на студенти на бројни европски универзитети финансиски поддржани од програмата Еразмус плус преку кои можат да учат еден или два семестри на овие универзитети. Кредитите од положените испити на овие факултети ќе им важат и во нашата држава и обратно, изјави Игор Јовановски, професор по политичка теорија и политичка филозофија и ЕУ.

Програмата ќе се спроведе во сите 12 општини во Македонија каде што имa ЕУ-инфо точки преку 17 предавање.

- Се дополнува досегашната пракса кога учениците доаѓаа во Делегацијата на ЕУ во Македонија и ЕУ-инфо центарот од Скопје. Сега ние ги посетуваме средните училишта, одржуваме интерактивни предавања со кои младите ги запознаваме со ЕУ, тековни аспекти од функционирањето на Унијата, адаптирани на нивната возраст, а на крајот од предавањата организираме и награден квиз за проверка на знаењата, додаде Јовановски.

Ова е прво предавање од Програмата која ќе се реализира во останатите ЕУ –инфо точки во земјава, вклучувајќи го и градот Скопје. Во наредниот период се планира да се врши едукација и на помладата популација од основните училишта, пред се од 8. и 9. одделение кои веќе се запознаваат со ЕУ во рамки на предметот Граѓанско општество.

Инаку, ЕУ - инфо точката во општина Крива Паланка функционира од 2009 година.