Македонија
29. February 2016 - 13:24

Делегација од холандскиот Парламент на средба со вицепремиерот Бесими

Вицепремиерот Фатмир Бесими денеска се сретна со делегација од Комисијата за европски прашања на холандскиот Парламент, предводена од претседателот на Комисијата, Малик Азмани. Во придружба на делегацијата беше и амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Вилем Вутер Пломп.

На средбата, информираат од СЕП, вицепремиерот Бесими упати честитки за холандското преземање на претседателството на ЕУ и изрази надеж дека досегашната соработка меѓу Холандија и Македонија ќе продолжи, и дека Холандија и понатаму ќе ги поддржува евроатлантските аспирации на земјата.

Вицепремиерот Бесими се осврна и на активностите кои се реализирани во рамките на итните реформски приоритети во областите на судство, следење на комуникациите, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во јавната администрација и изборните реформи, медиумите и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој истакна дека итните реформски приоритети и понатаму остануваат во фокусот и посветено ќе се работи на нивно реализирање.

Во врска со справувањето со мигрантската криза, Бесими истакна дека во Македонија мигрантите се третираат на целосно хуман начин, почитувајќи ги сите меѓународни правни обврски, во целосна координација со политиките на ЕУ.

Билатералната соработка помеѓу Холандија и Македонија се одвива во рамките на неколку проекти, и тоа преку донаторска помош, обуките од МАТРА, ЦДАД проекти, програмата ОРИО, како и твининг со партнери од Холандија.