Македонија
15. August 2017 - 18:28

Делегација од Факултетот за безбедност на средба со претседателот Иванов

Делегација од Факултетот за безбедност-Скопје, составена од деканот Никола Дујовски, продеканот за наука и развој Марјан Ѓуровски и проф. д-р Владимир Ортаковски, денеска беше примена од претседателот Ѓорге Иванов. 

Претседателот Иванов нагласил дека Факултетот за безбедност како високообразовна институција со своите активности придонел за мирен и стабилен развој на Република Македонија во нејзините демократски процеси, воедно постигнувајќи значајни резултати во работата, особено во едукацијата и образованието на кадар за потребите на безбедноста и одбраната на Република Македонија и научното истражување.

На средбата било истакнато дека изминатите четири децении многу генерации од Факултетот за безбедност-Скопје значајно придонеле преку посветеното работење, пожртвуваност и истакнување за време на мир и кризни состојби. 

- Да се студира на Факултетот за безбедност-Скопје претставува вистински избор за наобразба и придонес кон подигнување на високите стандарди на кадарот во безбедносните институции и недржавни актери во земјата, подвлекол претседателот Иванов, кој го потенцирал позитивното искуство од дипломираните студенти на овој факултет.

На средбата биле иницирани заеднички научно-истражувачки проекти од областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната со кои ќе се придонесе за надлежните институции, како што е Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и за неговото работење како врховен командант на вооружените сили на државата.

Факултетот за безбедност-Скопје одбележува 40 години од неговото формирање и има постигнато високи резултати во доментот на високото образование за потребите на безбедносниот систем на Република Македонија, како и општествени, безбедносно-одбранбени и научно-истражувачки работи.