Бизнис
18. September 2017 - 11:22

Делегација на ССК на Светски коморски конгрес во Сиднеј

Бизнис делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија, која престојува во Сиднеј по повод 10. Светски коморски конгрес, оствари средби со претседателот на Македонско – австралиската стопанска комора Ѓорги Михајлов и со македонскиот амбасадор Веле Трпевски. 

Од ССК денеска соопштија дека на средбата на која присуствувал извршниот директор на Комората, Александар Зарков и претседателот на Туристичко-угостителската комора Аркан Керим е разговарано за потенцијалите за соработка меѓу компаниите од двете земји, преку размена на искуство, заеднички вложувања и влез на поголем австралиски капитал во Македонија. Нагласена е и потребата од збогатување на туристичката понуда на Македонија за дијаспората. 

Делегацијата на ССК учествува и на конференциите што се организирани пред официјалното отворање на Конгресот закажано за утре. Презентирани се можностите за зголемување на економската соработка и инвестициите меѓу Азија, Австралија и Европа, со акцент на унапредувањето на економското поврзување за глобален успех во трговијата, преку анализа на најбрзо растечките сектори, согледување на нивните предизвици и можности за вмрежување и поврзување на бизнис лидерите од регионот.

ССК учествуваше и на конференцијата во организација на Азиско-пацифичките комори за трговија и индустрија во чии рамки претставници од државниот и приватниот сектор дискутираа за значајни прашања за водата, енергијата и животната средина, храната и земјоделството, здравјето и едукацијата, олеснувањето на трговијата, ИКТ, како и развојот на мали и средни претпријатија.

На 10. Светски коморски конгрес во Сиднеј присутни се бизнис лидерите од пет континенти.