Македонија
13. July 2016 - 20:52

Делегација на Генералштабот на АРМ во официјална посета на Виена

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски, денеска во Виена имаше официјална средба со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Австрија, генерал  Отмар Коменда.

Мигрантската криза и безбедносните закани за земјите од Југоисточна Европа, можности за продлабочување на билатералната соработка преку  изведување заедничка обука и користење на капацитетите на АРМ (АП Криволак), како и евентуално заедничко учество во меѓународните мисии под знамето на ООН и ЕУ биле теми на средбата во австриската престолнина. 

- Генералот Величковски искажа благодарност за донацијата на ноќни визири од страна на Вооружените сили на Австрија, како и за овозможените школувања на персонал од АРМ на воените школи во Република Австрија. Покрај другото, на домаќинот му беа презентирани реализираните проекти и достигнувања од акцискиот План за членство во НАТО и партнерската програма, како и процесот на трансформација на АРМ, соопшти ГШ на АРМ. 

 

Двајцата соговорници ја нагласиле потребата за континуирано продолжување на меѓусебната армиска соработка, особено во актуелниот период на мигрантската криза која претставува актуелна закана за дестабилизирање на сите земји во Европа.

- Од страна на генерал Коменда е искажана благодарност за придонесот на Армијата на Република Македонија во мисиите за поддршка на мирот предводени од НАТО и ЕУ,  улогата на АРМ во справување со мигрантската криза и притоа покажаните  интероперативни способности од страна на АРМ,  а воедно е изразена поддршка за поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО алијансата, наведува ГШ во соопштението. 

Во текот на денот делегацијата предводена од генералот Величковски ја посетила и Командата на единицата за специјални намени при што биле разгледани можностите за заедничка обука со припадниците на полкот за специјални операции од АРМ и учество во вежби од овој домен.

За време на престојот во Австрија делегацијата на АРМ ќе ја  посети и Националната одбранбена академија и ќе оствари средби во Амбасадата на Република Македонија во Виена. 

 

- Посетата која се реализира на покана од Вооружените сили на Република Австрија и остварените средби на највисоко воено ниво е уште еден израз на поддршка од партнерските земји за стратегиската определба на Република Македонија и АРМ за членство во евроатлантските интеграции, наведува Генералштабот на АРМ.