Македонија
31. August 2016 - 12:03

Делата од колонијата „Кавадарци-Михајлово 2016” за поплавените во скопско и тетовско

Во галеријата на кавадаречкиот дом на култура  „Иван Мазов- Климе” синоќа беше затворена ликовната колонија „Кавадарци-Михајлово 2016”, со изложба на уметничките дела насликани во рамките на традиционалната манифестација.  На колонијата 70 ликовни уметници создадоа 160 дела.

- Средствата од продажбата на сликите насликани во рамките на колонијата, ќе бидат донирани за поплавените семејства од невремето кое беше на почетокот на овој месец во скопско и тетовско, соопшти пред присутните Владимир Темков, директор на Домот на културата.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов се заблагодари на уметниците кои твореа и  компаниите кои ја помогнаа колонијата, но и на сите хумани  луѓе кои со купување на уметничко дело, помагаат за настраданите.

- За надминување на последиците од елементарната непогода се потрудија  многу екипи и хумани граѓани од Кавадарци кои им помагаа на семејствата кои настрадаа од поплавата. На располагање таму беше и механизација од нашето комунално претпријатие, рече Панов, посакувајќи настраданите семејства што побрзо да се опорават.