Македонија
1. November 2020 - 16:33

Дел од општините обезбедија таблети за сите деца од социјално ранливи семејства, во дел пак нема поместување

Почна вториот месец од учебната година а МОН нема информации дали сите ученици имаат услови за следење на онлајн настава. На почетокот од годината 40 000 ученици од државата немаа ИТ уреди.  До сега МОН не соопшти на колку од нив им се обезбедени компјутери или други уреди. Од министерството велат дека донации се доделуваат од приватни компании но тие не го знаат точниот број. Новиот ребаланс на државниот буџет е во собраниска процедура но МОН не открива дали во него се предвидени дополнителни средства за опрема на учениците кои немаат.

Во меѓувреме граѓаните на социјални мрежи бараат и делат помош. Таков е примерот со Борче Стаменов од Кавадарци кој секојдневно објавува дека е обезбеден компјутер за некое дете.

Преку амбасади и приватни компании донации се обезбедуваат во повеќе општини. Обезбедени се 868 таблети во Општина Гази Баба кои ќе бидат доделени на ученици од социјално загрозени семејства. 

Голем број од овие ученици немаат ниту интернет за да се поврзат со училиштето па материјали наставниците им праќаат во хартиена форма. До 20 ноември треба да се впишат првите оценки според насоките на надлежните.