Македонија
1. јуни 2020 - 16:41

Дел од клубовите на ПМФЛ сами му застанаа на патот на ФФМ и престанаа да тренираат

Вистински хаос владее во првата македонска фудбалска лига по денешната одлука на фудбалерите на Шкупи и Струга да не се тестираат на корона вирусот. Откако скиринигот во Шкендија и Ренова даде 6 позитивни фудбалери и членови на стручниот штаб, чаирчани и стружани решиле да одбијат тестови, оправдувајќи се дека не им веруваат на резултатите од тестирањето. Во периодот додека чекаме да најдат погодна здравствена установа за тестирање, тие остануваат на терените, што е голем ризик, особено ако се знае дека Шкупи доаѓа од општината во Скопје која руши рекорди според бројот на заразени.
И додека фудбалерите на Ренова и Шкендија се упатени во самоизолација, останатите остануваат на зелениот терен со групни тренинзи само за да го исполнат бизнис планот на Претседателот на ФФМ Мухамед Сејдини кој има намера двата свои фаворити да ги истурка до места на табелата кои водат во европските натпреварувања по цена заразата интензивно да се расшири меѓу фудбалските работници.
ФФМ пред неколку дена им даде зелено светло на фудбалерите да почнат со групни тренинзи повикувајќи се на одреден предлог протокол кој дополнително треба да биде донесен.
За скандалот да биде уште поголем, Управниот одбор на федерацијата донесе одлука и за продолжување на првенството иако во Македонија во последните 5 дена регистрирани се близу 20 жртви на вирусот.
Министерот за здравство денеска вели дека не знае дека клубовите почнале со групни тренинзи.
И додека Сејдини прави планови за своите клубови да излезат во Европа, дел од прволигашите по последниот скок на бројот на заразени донесоа одлука да ги прекинат тренинзите ставајќи и јасно до знаење на федерацијата дека немаат намера за интересите на два клуба да го ризикуваат животот и здравјето на фудбалерите. Од денеска надвор од тренажен процес е Македонија од Ѓорче Петров а истото го најавуваат уште неколку клубови.
Кратовски Силекс побара и надлежните да извршат инспекциски надзор за да утврдат дека Федерацијата ги присилува клубовите да прават кривични дела и да постапуваат надвор од законските регулативи.
Во дописот испратен до државниот санитарен и здравствен инспекторат стои дека федерацијата креирала конфузна ситуација во која побарала од клубовите да тренираат врз основа на план кој дополнително ќе биде одобрен.