Македонија
5. јуни 2019 - 16:08

Дел од бомбите на Ел Чека ги има и во СЈО

Дел од бомбите на Ел Чека, ги има во снимените разговори на СЈО, потврдува специјалната обвинителка Катица Јанева. Вели дека материјалите објавени на фејсбук ги проучуваат информатичари и до сега нема гаранција дека тие не се од Специјалното јавно обвинителство.

Ел Чека и денеска продолжи со објавување на снимени телефонски разговори за кои тврди дека се меѓу функционери на ДУИ. Откако синоќа исчезнаа двата профили од Фејсбук, неколку часа подоцна, Ел Чека формираше профил на Јутјуб. Близу по полноќ таму беа објавени три снимени разговори. Објавувањето во раните утрински часови го најави и Ел Чека кој на фејсбук пишуваше дека имал проблем при објавувањето па е неопходно тоа да се прави наутро.

Инаку првите бомби, Ел Чека ги објави на крајот на минатиот месец и до вчера беа емитувани 50-тина телефонски разговори. За нив Чека тврдеше дека ги добива од осудените за Диво Насеље со цел властите да спроведат меѓународна истрага за случајот. Вчера Ел Чека испрати и ултиматум до Премиерот Заев во рок од два месеци предметот да го истражат меѓународни институции. Дополнително му се закани дека ќе треба да ја заборави приказната на Заеви, Алиевци и соработниците ако нешто им се случи на притворените бидејќи имал сознанија дека тие може да се најдат во опасност.