Македонија
12. October 2019 - 16:37

Декларацијата од Бугарија создава горчина во душите но ќе се најде решение, вели Заев

Декларацијата од бугарските власти предизвикува горчина кај Македонците, потврди премиерот Заев, но е оптимист дека тие проблеми ќе бидат надминати.  Заев ја очекува поддршката од Бугарија за отпочнување на преговорите а за реализацијата на договорот вели дека обврски имаат и двете земји.

-Тие во декларацијата зборуваат за преговорите, за поглавјето 35 и за мене тоа е логично, бидејќи бараат гаранција дека тоа ќе се испочитува, секако ќе беше подобро без такви декларации бидејќи ние градиме пријателство и се што го нагризува пријателството предизвикува горчини кај две страни, тоа предизвикува горчина кај нас Македонците, но еве сега на 17 и 18 ќе ја добиеме подрршката од Бугарија за старт на преговорите, вели Зоран Заев премиер.

Со декларацијата Бугарија ја условува употребата на македонскиот јазик и идентитетот и бугарските власти бараат решавање на историските прашање пред отворање на преговарачките поглавја. Заев вели дека ќе го решат и проблемот со јазикот.

-Освен идентитетот спорен е и јазикот? – Ќе го решиме и тоа, вели Заев.

Освен горчина кај Македонците, Декларацијата од Бугарија наиде на осуда и кај прогресивни бугарски интелектуалци кои велат дека условувањата на официјална Софија се популизам и национализам.

Најсмешно е тоа со јазикот – да се ставело звездичка кога ќе се спомне македонскиот јазик, како под цртичка се објаснува, дека тоа било норма, усвоена од Северна Македонија, воспоставена на бугарски дијалект. Мислам дека просто ќе станеме смешни во Европскиот свет.  Тоа се некои такви горе-долу религиозни правила, прифатени во Бугарија – нема политичар, кој ќе се осмели да каже, дека постои македонски јазик.

На телевизиите не се преведува од македонски и националистите го заплашуваат секој, кој ќе се обиде тоа да го направи. Јазиците се разделуваат, одвојуваат, во некои моменти државите ги кодифицираат и прават официјални. Германците да им кажат на Данците, дека јазикот не им е валиден, дека треба да ставаат звездичка, со која да објаснуваат, дека данскиот произлегува од германскиот? Вели Ивајло Дичев професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија