Свет
30. March 2017 - 13:27

Дејвид Фридман е новиот американски амбасадор во Израел

Дејвид Фридман, американски обвинител од еврејско потекло и близок соработник на претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера положи заклетва како нов американски амбасадор во Израел.

Француските медиуми пренесоа дека Фридман е познат по цврстиот став во корист на изградбата на израелски населби на палестинските територии.

Американскиот Сенат со 52 гласа „за“ и 46 „против“  го потврди неговото именување на новата функција, по што потпретседателот Мајк Пенс кажа дека  избор на Дејвид Фридман за амбасадор на САД во Израел е „еден од најјасните знаци на посветеноста на претседателот Трамп кон дражвата Израел и нејзиниот народ“.

-Ова е критично време за нашите две земји и нашите народи. Предизвиците со кои се соочуваме се многубројни, но нашата решеност да ги совладаме никогаш не била посилна, истакна Пенс, порачувајќи дека под мандатот на Трамп САД секогаш ќе бидат верен пријател на еврејската држава Израел.

Како долгогодишен  обвинител и син на рабин Фридман ја поддржа изградбата на еврејски населби на некои окупирани територии, како и преселувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, напоменуваат француските медиуми.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху на Твитер напиша дека Фридман ќе „биде топло дочекан како претставник на претседателот Трамп и близок пријател на Израел“.