Свет
20. December 2017 - 13:39

„Дејли Мејл“: Трамп ќе ја посети Велика Британија во февруари

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја оствари долго најавуваната посета на Велика Британија во февруари идната година, објави британскиот весник „Дејли Мејл“.

Трамп не ја посети Велика Британија во првата година од својот мандат, што се претпоставува дека беше предизвикано од честите и гласни најави за протести од страна на левичарските групи. 

Тој треба да ја отвори нова американска Амбасада во Лондон вредна милијарда долари, како и да ја зачува традицијата дека секој новоизбран претседател на САД мора да го посети најблискиот американски надворешно-политички партнер рано во неговиот мандат. 

Според весникот, Трамп и британската премиерка Тереза Меј разговарале вчера по телефон, при што американскиот претседател ја информирал дека планира да дојде во посета во текот на февруари.

Трамп отворено го поддржуваше Лондо во одлуката да ја напушти Европската унија, но подоцна имаше и судири со британската Влада, околу статусот на Ерусалим и серијата исламистички напади во Велика Британија.