Свет
7. јуни 2016 - 17:54

„Дејли мејл“: Деца на сириски бегалци во Турција принудени да шијат униформи за ИД

Во пограничниот дел на Турција постои конфекциска фабрика, во која се произведува облека за терористи и се експлоатира трудот на сиромашните бегалци од Сирија, пишува денеска лондонскиот весник „Дејли мејл“.

– Децата на сириските бегалци се принудени да работат во оваа експлоататорска фабрика, која и продава маскирни униформи на Исламска држава, тврди весникот.

Според „Дејли мејл“, момчиња кои немаат можност да се школуваат и имаат огромна потреба од пари, работат и по 12 часа дневно за 14 долари во турскиот пограничен реон.

Сопственикот на фабриката, 35-годишниот Абу Закур изјавил дека не е загрижен за потеклото на своите купувачи и продава облека за сите кои се заинтересирани. Тој истакнал дека од него купуваат униформи не само борците од ИД, туку и припадници на групи на сириската опозиција. Закур тврди дека децата, чиј труд се користи, се донесени од нивните родители, кои немаат средства за егзистенција.

– Единствената причина поради која децата работат кај мене се парите. Ако во Сирија немаше војна, овие деца сега ќе беа на училиште и нормално е дека тоа е многу подобро за нив, изјавил сопственикот на фабриката.