Македонија
19. January 2020 - 11:53

Дејан Цветановски го фати крстот во соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово

 

Триесет и двегодишниот кумановец Дејан Цветановски го извади светиот крст од осветените води во мини базенот на соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.

– Седми пат како скокам по крстот. Оваа година успеав, среќен сум и возбуден, изјави Цветановски.

Тој ги повика и другите кои досега не скокале по крстот да се обидат, нагласувајќи дека ја почитува оваа традиција и верува оти светиот крст ќе му донесе здравје и просперитет.

Инаку, Цветановски е вработен во приватна компанија како возач на цистерна. Од свештенството на соборниот храм тој доби икона и свет крст и други пригодни подароци од локалната бизнис заедница.

Претходно во соборниот храм „Свети Никола“ се одржа и литургија по повод празникот Богојавление Водици, на која присуствуваа поголем број верници, од кои дел пресекоа славски колач, зедоа осветена вода и се помолија за здравје, мир и благосостојба.

И во останатите цркви во Куманово денеска се фрлаше светиот крст, а ќе се фрла и во градскиот базен.

Празникот е поврзан со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.