Живот
18. December 2021 - 16:37

Дедо Мраз од Кавадарци 24 години во хумана празнична мисија

Ако претходно сте мислеле дека Дедо Мраз живее во Лапонија сте биле навистина во голема заблуда. Тој бил толку блиску до нас што нема да верувате. Кавадарчанецот Ѓорѓи Варелоски веќе 24 години е најпознатиот Дедо Мраз, кој во својот двор го има изградено вистинското царство на овој дедо со бела брада.

Вакво нешто нема да може да видите никаде во Македонија, па и пошироко.

Во 96-та година му се паднала 6-ка на лото, па за тоа го честел пола Кавадарци и пошироко, но купил и една елка која ја засадил во дворот и започнал да ја украсува за Нова Година. Започнале да доаѓаат дечиња да ја гледаат елката, а тој на секое од нив им давал барем по едно чоколадо и по 2 години од засадувањето на елката се „родил“ Дедо Мраз.

„Од година во година растеше апетитот кога ги гледаш насмевките и радоста на дечињата така што решив и јас да бидам среќен и весел кога се тие среќни и весели и елката порасна толку голема да до пред неколку години морав да правам и скеле за да ја накитам. Започнав со мал број на дечиња кои доаѓаа тука, сега бројот на дечињата се зголемува постојано“, вели Ѓорѓи Варелоски – Дедо Мраз.

За сите овие години има дадено над 23.000 новогодишни пакетчиња кои ги купувал со сопствени средства. Од пред 2 години започнал да ги наплаќа пакетчињата кои ги дава по 150 денари, но тие пари не се за него туку повторно средствата ги донира во добротворни цели, на луѓе на кои помошта им е најпотребна.

„Сепак јас си имам зацртано колку што ми е силата толку да дадам за хуманост и сум уште од среќен посреќен. Значи на еден начин да осиромашуваш, а да си среќен тоа е реткост, денеска сите гледаат само материјален интерес“, истакна Варелоски.

Секако Дедо Мраз не би бил ништо ако до него не е и Баба Мразица, односно неговата сопруга, која го поддржува букквално во се. Во украсувањето на дворот му помага и целото семејство, а после Нова Година целиот овој декор се чувал во посебна просторија се до наредната Нова Година.

„Доста и јас сум иницијатор за некои работи, а тој доста е само да посака некоја работа и јас веднаш му давам поддршка, многу сме задоволни од сето ова. Сите помагаме, целото семејство, тоа ни е задоволство огромно, така што не ни претставува некој голема тешкотија“, вели Милка Варелоска, сопруга на Ѓорѓи Варелоски.

Освен децата и Дедо Мраз има желби. А неговата најголема желба е во иднина неговиот дом да го посетат што е можно повеќе деца, не само од Македонија туку да започне со организирани тури со дечиња и од странство.