Балкан
13. March 2019 - 11:10

Децата во Босна жртви на минатото, и покрај тоа што не сакаат да го носат товарот од војната тие се уште се поделени

Училиштето во овој средновековен град е поделено со ограда и со наследство од војната. Секој ден, децата доаѓаат во истата зграда, а на часови одат одвоено. Оние со хрватско потекло учат во десното крило на зградата. Тие воглавно се католици. Босанските муслимани од градот учат во левото крило.

За многу ученици оваа поделба е остаток од војните што се случија во деведесетите години од минатиот век меѓу Србите, Хрватите и муслиманите. „Тие не сакаат ние да се социјализираме во училиште“, вели Иман Маслиќ (18), ученичка муслиманка. „Затоа после часовите одиме заедно во кафуле и се дружиме“.

Овие поделби ги продлабочуваат националистите кои поттикнуваат етнички конфликти. Училиштето во Травник е дел од образовниот систем наречен „Две училишта под еден покрив“. Зградата била изградена на крајот од 19 век, кога Босна била под власт на Австроунгарија.

Зградата денес е во сопственост на Римокатоличката црква, која го држи десното крило на објектот. На левата страна е државно училиште на кое му припаѓала зградата во времето на комунизмот во поранешна Југославија. Црквата сака да го исели државното училиште, но овие спротивставени страни се обврзани да останат заедно со Дејтонскиот договор со кој заврши војната. Во Босна има најмалку 50 училишта во кои учениците од различна етничка припадност се поделени. Цела генерација деца растат учејќи историја, литература, уметност, математика и наука од книги специјално осмислени за нивната група.

Во босанската политика националистичките фигури премолчено го поддржуваат сегрегираното образование, но некои помлади политичари – од кои многумина учеле токму во овој образовен систем – повикуваат на укинување на ваквиот систем на образование. „Не сакаме да ги испраќаме нашите деца во ’Две училишта под еден покрив’“, напиша на Твитер Лана Прлиќ (25), член на Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина. Таа е родена за време на војната од татко Хрват и мајка Босанка, а исто така одела на училиште во Мостар, во кое учениците учеле посебно.

По завршувањето на војната, Босна беше поделена на српска автономна област и муслиманско-хрватска федерација, со претседателство составено од тројца членови, еден претставник на Босанците, еден Хрват и еден претставник на Србите.

Хрватските националисти се особено отпорни на промени, бидејќи мултиетничките државни училишта би биле пречка за формирање чисто хрватска област, слично на она што Србите го создадоа во војната со прогон и масовно убивање на секој кој не е Србин.

„Кога заврши војната, тврдокорните националисти – борејќи се за хрватскиот етнички идентитет и нивната мини-држава во Босна – ги претворија училиштата во боишта“, вели Адиса Бусулаџиќ, политичка аналитичарка од Мостар.

Во травничкото училиште, 90 километри западно од Сараево, Католичката црква ја реновираше хрватската страна на училиштето. Другата страна е оставена да стои уништена, да паѓаат цигли и да се лупи бојата.

Часовите се држат по половина час пауза меѓу двете страни, за да се спречат децата да се дружат за време на одморот. Има и затворена сала за физичко што ја користат само хрватски ученици, додека оние од државното училиште часот по физичко го одржуваат во блискиот парк.

Иман Маслиќ, претседател на Здружението на средношколци, се дружи со ученици од целата земја. За да се образуваат, вели таа, многумина имаат развиено животи паралелни со етнички поделената реалност. “Одвоени сме на хартија, но не и во реалниот живот“, вели Маслиќ.

Учениците велат дека повеќе не сакаат да го носат товарот на војната која се случила пред да се родат. Арсам Гаси, дете со албанско потекло кое оди во државно училиште, игра фудбал со Хрвати и го слави Рамазан со муслимани. Божиќ, вели тој, го слави два пати – православен и католички.

„Никој не те прашува на чија страна било твоето семејство во таа војна“, вели тој. „Можеме да го делиме градот, зошто да не одиме во исто училиште?“

Учениците на хрватската страна неодамна играа фудбал во дворот. Еден од нив ја шутна топката преку оградата. Ученик од државното училиште ја зема и му ја фрли назад. Двајцата се насмеаја без да кажат ниту еден збор.