Македонија
24. November 2015 - 17:42

Децата од делчевскиот Дневен центар за лица со посебни потреби на трето место на „Игри без маски-театар без дискриминација“

Трето место за претставата „Преку ѕидот“ на делчевските претставници на националниот фестивал „Игри без маски-театар без дискриминација“.
 
Децата од делчевскиот Дневен центар за лица со посебни потреби и средношколците од делчевската гимназија СОУ „М.М.Брицо“ го срушија ѕидот на поделби со претставата „Преку ѕидот“. На сцената на Драмскиот театар во Скопје во конкуренција од осум претстави ја освоија третата награда  на националниот фестивал за лица со хендикеп „Игри без маски- театар без дискирминација“. Фестивалот беше поддржан од министерствата за култура и за труд и социјална политика  преку проектот „Културата и лицата со посебни потреби“.
 
Славица Димитровска, социјален работник од Дневниот центар искажа голема благодарост до организаторот на фестивалот.
 
- Пораката од нашата претстава е јасна и сакаме да ја испратиме до сите:хендикепот е дел од нас и мора да ги прифатиме лицата со пречки во развојот онакви какви што се, затоа што и тие се дел од нас, истакна Димитровска.
 
Во претставата учествуваа 13 средношколци и 10 штитеници од Дневниот центар, а драмскиот текст е на делчевецот, режисерот Андреј Илиев и има симболична содржина, потенцираше менторката Верка Арсова, професор по македонски јазик во делчевска гимназија.
 
- Самиот наслов ја симболизира поделбата во општеството. Од едната страна на ѕидот се децата со пречки, од другата се другите и на сцената ние покажавме дека децата го срушија ѕидот и заеднички на сцената успеаја да покажат дека може заедно да се работи. Посебно задоволство ми беше што децата со посебни потреби ја доловија пораката на авторот дека и тие деца можат да бидат на сцената и да го покажат тоа што го знаат и умеат, рече Арсова.
 
Третата награда за оваа драма значи и настап на интернационален фестивал, кој ќе се одржи наредната година во април каде ќе настапат и неколку земји од регионот.
 
Инаку, по повод денот на хендикепираните, 3. декември, учениците организираат хуманитарна акција, а парите од влезниците од претставата  која тогаш ќе биде промотивно изведена во Делчево, ќе бидат подарени на Дневниот центар во Делчево.
 
На фестивалот, второ место освоија децата од Дневниот центар од Берово и учениците од СОУ „Ацо Русковски“, со претставата „ Овчарот Беро и Берово“, а првата награда отиде во рацете на учениците од „Партение Зогравски“ од Скопје, кои настапија со професионален балет.