Македонија
20. November 2023 - 16:38

Децата го „окупираа“ Собранието

Наместо пратеници, во собраниските фотелји денеска седнаа децата. Тие говореа, а пратениците слушаа. По повод  20. ноември Светски ден на детето, преку конкретни примери и фактички состојби најмладите од собраниска говорница ги извоија најголемите проблемите во образованието во Македонија.  Со цврсти и амбициозни ставови, побараа од надлежните да вложат повеќе пари во инфраструктурата, во обучување на наставниците и модерни учебни средства. Младите си побара и матичен психолог и одвојување на поголем процент од БДП кон проекти за младите, од локално и национално ниво.

Собранискиот спикер пак Талат Џафери изрази жалење што како возрасни не успеале да изградат побезбеден свет за сите деца. Им вети на младите дека институциите внимателно ќе ги слушнат нивните барања, по што ќе работат на решавање на некои од проблемите.

И додека надлежните институции даваат ветувања дека прават напори за обезбедување на квалитетен воспитно-образовен процес во Македонија, булингот се уште е доминантен меѓу децата во училиштата. Истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ потврдува дека насилството владее во основните училишта. Загрижувачки е фактот дека од вкупно 648 вклучени ученици во истражувањето, дури 298 деца или 46% од испитаниците биле жртви на насилство.

Истражувањето покажало и дека повеќето ученици може да препознаат вознемирување на интернет, но сепак еден дел не биле во состојба да го сторат тоа.