Македонија
21. July 2018 - 16:17

Децата бегалци не се откажуваат од имотот во Грција

Без разлика на исходот од референдумот и стапување на сила на одредбите од договорот со Грција, децата бегалци од Егејска Македонија не се откажуваат од своите имоти. До судот во Стразбур се поднесени 10.000 тужби за враќање на одземените имоти, чија вкупна вредност се проценува на околу 10 милијарди евра.

- Ангажирани се адвокати, барањата наши се заверени, постојат, а сега е на адвокатите да си ја тераат својата работа-изјави Тунев

Коста Маргин е по потекло од Костурско и целиот свој живот го живее во Мелбурн, Австралија. Вели дека не поседува никакви документи за сопственост на имотот на неговите родители и затоа немал основа да подигне барање, меѓутоа добро знае, кој е и што е.

- Не знам каде и што да барам. Нема некоја „книга“(документ) па да кажеш ова или она го барам, а не можам да заборавам дека од овде ми се корењата. Знам дека сум од Егејскиот дел и дека сум Македонец, тоа се кажувам, што да ви кажам-изјави Маргин

Барање до Стразбур не поднел ниту Ванчо Хаџи Стојанов, по потекло од Драмско, но затоа пак, се одважил и го посетил лично сегашниот градоначалник од кој добил уверување дека евиденција за имот постои, меѓутоа од 1957 година па наваму. Наспроти ова му дал второ оптимистичко објаснување.

- Ако влезете во ЕУ сите имотни прашања, вели, ќе ви бидат решени. Така рече градоначалникот, кој беше многу пријатен човек, а и комшија ми беше-изјави Хаџи Стојанов

Македонците од земјава и дијаспората со потекло од Егејска Македонија, по 5-ти пат присуствуваа на Светската средба која традиционално се одржува во с. Брест.