Македонија
24. September 2017 - 10:10

Дебатата за законот за јазиците, засега ставена во мирување, ќе продолжи после локалните избори

Собранието на Република Македонија попладнево ја прекина работата по 15. седница и како што најави претседателот на Парламентот Талат Џафери  пратениците ќе продолжат по локалните избори.

Пратениците денеска шести ден во рамки на 15. седница дебатира по Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.

Џафери рече дека ја прекинува дебатата согласно неговата најава дека Парламентот нема да работи на почетокот на кампањата за изборите, но и, како што рече, да нема чувство дека некој по секоја цена сака да постигне некоја цел.

- Како резултат на дебатата произлезе дека од интерес на граѓаните, да не кажам на дел од граѓаните, е и потребата за носење и на соодветниот закон којшто е во редовна постапка за којшто се надевам ќе продолжиме исто така со успешна и плодна конструктивна дебата, рече Џафери.

Се надевам, дополни, дека никој од учесниците оваа ситуација нема да ја користи во предизборни цели и во кампања. А тоа најдобро ќе го ценат, ќе го покажат и ќе го решат граѓаните на РМ, потенцираше Џафери, кој воедно на учесниците на изборите им посака мирна успешна предизборна кампања.

Во тек на шестдневната расправа за законот во Собранието опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека законот е неуставен и побара да биде повлечен. Смета дека со постапката за негово носење е прекршен собранискиот Деловник со цел во пресрет на локалните избори да се реализира договор меѓу коалициските партнери од власта.

Од мнозинството, пак, истакнаа дека законот е уставен, не го нарушува унитарниот карактер на државата и ќе овозможи заокружување на Охридскиот рамковен договор. 

Петар Атанасов од СДСМ во тек на денешната расправа рече дека сите пратеници од албанските политички партии кажуваат дека има потреба од ваков  закон, но оти ВМРО-ДПМНЕ немале храброст да го затворат ова прашање. 

- Ајде да го затвориме последното големо прашање од Охридскиот рамковен договор и заедно да градиме една единствена заедничка мултикултурна и демократска граѓанска Македонија, наведе Атанасов. 

Според Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, носењето на законот не е од практична причини за употреба на јазиците од страна на етникумите во Македонија, туку, како што рече, поради предизборниот период и она што е ветено како договор и основа за коалицирање помеѓу партиите од владејачкото мнозинство.  

Поповски, пак, повтори дека е за закон за јазици, но оти е против постапката и одлуката за негово носење од страна на парламентарното мнозинство. Од сите, како што рече, неиздржани аргументи, најмногу го загрижувал и го смета за најопасен аргументот дека Европската унија  така налага.

- Да не ја злоупотребуваме ЕУ. Ако веќе ја ставаме ЕУ во оваа корелација  не може да го избегнеме фактот дека не постои заедничка политика за јазична употреба во рамки ЕУ, рече Поповски.

Реплицирајќи му, Томислав Тунтев од СДСМ  наведе дека е факт оти ЕУ нема заедничка политика во однос на јазиците, но дека ЕУ нема ниту заедничка политика  во однос на  образованието, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ вовела екстерно тестирање виз-а-ви европските искуства. Значи, потенцираше, ние можеме  да ги земаме искуствата без оглед дали ЕУ има или нема заедничка  политика затоа што ЕУ како заедница на независни суверени држави решила кои  ќе се областите за кои ќе има заедничка политика. Очигледно ова не е, но тоа не значи дека не е регулирано во тие држави. Напротив, Белгија, Финска, Естонија, Франција, Шпанија, Италија.. секаде се модели каде на еден или на друг начин го регулираме ова прашање, но таму немало конфликт во 2001 година и Рамковен договор во чии рамки се движиме овие години, рече Тунтев. 

Во бројните реплики на Поповски од неговите сопартијци, меѓу останатото беа упатени критики за финансиските импликации на законот, кој, според нив, е дискриминаторски во однос на другите малцински заедници.  Македонија, како што наведоа, со овој закон ќе биде единствена унитарна држава која ќе донесе закон за употреба на два службени јазика без за тоа да има реална основа.