Македонија
23. November 2017 - 13:10

Дебата: Затворањето на балканската рута го зголеми криумчарењето луѓе

Бегалците што пристигнуваат во Табановце најчесто се поврзуваат со криумчарски групи за да најдат илегален излез од територијата на Македонија. МВР треба да ги мониторира оние подрачја каде што има информации дека циркулираат криумчарски групи со цел да се следи што се случува со тие луѓе.

Ова денеска го истакна директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска на тркалезна маса „Бегалската криза во Македонија, моментална состојба, предизвици и идни чекори“.

- Постојано апелираме на тоа дека луѓето ги снемува од камповите и добивме одговор дека МВР ќе презема повеќе мерки со цел да го следи движењето на бегалците кои од Табановце се движат кон околните села, бидејќи најчесто тие секогаш стануваат жртви на секаков вид злоупотреби, меѓу кои е и трговијата со луѓе, вели таа.

Пировска посочи дека Хелсиншкиот комитет од самиот почеток на бегалската криза е вклучен со свои активности, со тимови во камповите во Гевгелија и во Табановце, каде што во моментов има околу 20 бегалци. 

- Македонија треба да биде свесна дека може повторно да се случи ескалација со бегалската криза, се соочивме со невидена ескалација во ситуација кога немаше никакви услови во државата за тие да бидат заштитени и да им се овозможи соодветен престој. Во моментов имаме кампови кои се во многу подобра состојба од тие во Грција, вели Пировска.

Претставникот на УНХЦР во Македонија Даг Сигурдсон, истакна дека во 2017 година се забележани 14.200 илегални преминувања низ земјава, што во просек е 50 луѓе дневно.

- Сега за разлика од пред две години, карактеристично е што станува збор за друг профил на бегалци, односно 19 проценти се мажи сами, без семејство, кои сами не можат да ја преминат границата и користат други начини најчесто преку криумчарски канали, вели тој.

Сигурдсон посочи дека во Македонија досега има поднесено 130 барања за азил, но барателите на азил најчесто исчезнуваат од земјата, пред да им биде одговорено на нивното барање. Тој вели дека не може да се регистрира секое лице кое поминува низ земјава, токму поради тие илегални групи на криумчари на луѓе, и оттука произлегува проблемот што тие луѓе најчесто завршуваат како жртви на тргогвијата со луѓе.

Проектот „Помош на рутата - обезбедување заштита на човековите права на мигрантите кои поминуваат низ Македонија и Србија“, е поддржан од ЕУ, а имплементиран во соработка со Фондацијата Ана и Владе Дивац- Србија, Новосадски Хуманитарен Центар и Arbeiter-Samariter-Bund Deutschland (ASB).