Македонија
15. November 2018 - 11:23

Дебата за врсничкото насилство по повод Меѓународниот ден на толеранцијата

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 Ноември, во Кинотеката на Македонија денеска ќе биде организирана дебата на тема „Врсничко насилство (булинг) во училиштата“. Настанот втора година го организира сервисната и хуманитарна организација, „Inner Wheel Club Skopje Europea“.

Ќе биде прикажан документарниот филм за  булинг „Бел бес“ (White Rage) по сценарио, режија и продукција на Арто Халонен. Овој фински филм од 2015 година е добитник на повеќе светски награди, а ја истражува темата за врсничкото насилство на кое и самиот автор бил жртва.

По проекцијата на филмот, излагања ќе имаат претставници од Министерството за труд и социјална политика, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, стручни лица за детска психологија и студенти. По нив ќе следува дебатата во присуство на ученици од основните и средните училишта, кои се директно изложени на оваа појава, како и студенти од неколку факултети во Скопје.

– Булингот е тема за која последниве години отворено се зборува но недоволно. Жртвите на овој вид нетолеранција најчесто вината за нападите ја бараат кај себе и ретко бараат помош или за тоа отворено зборуваат. Најчесто се затвораат во себе, стануваат повлечени, несигурни и избегнуваат дружње. Затоа е многу важно гласно да се зборува на оваа тема, да се побара совет од стручни лица, а вработените во образовниот процес треба навреме да ги детектираат овие појави, наведува организаторот на настанот.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата ќе продолжи утре со тркалезна маса на тема „Говор на омраза“.