Македонија
20. November 2018 - 22:15

Дебата за уставните измени, Сојузот на борци со поддршка

Премиерот Зоран Заев е уверен дека постигнатиот договор со Грција и уставните измени се единственото можно решение и единствената можност Македонија да чекори напред кон ЕУ и НАТО, да обезбеди подобар живот за своите граѓани. Договорот, смета тој, го заштитува македонскиот идентитет, ни дава можност да се ословуваме како Македонци, го гарантира македонскиот јазик, ги гарантира употребата на кодовите МК и МКД. Со договорот химната, знамето и грбот, рече остануваат засекогаш. Дека ова е единствено можно решение со кое на Македонија и се отвараат перспективите се согласуваат и членовите на Сојузот на Борци на Македонија.

-Договорот е влог во македонската иднина, кој го расчисти патот на Македонија за влез во НАТО и за почеток на преговорите на ЕУ, рече македонкиот премиер на вечерашната дебата за уставните измени организирана од страна на Сојузот на борци на Република Македонија.

На ваков начин, рече Заев, Македонија станува држава која не е негирана и држава која е признаена од сите. Тоа беше борбата и на нашите претци, потенцира премиерот, да имаме држава која некој нема да ја оспорува. Ова, потенцира, е модерна борба која ја водиме на модерен начин со трпение подавање рака градење пријателство за да и отвориме перспективи на Македонија и генерациите кои доаѓаат по нас.

Според него, во иницијативата за уставни измени согласно договорот од Преспа нема ништо спорно, нацрт амандманите се јавно објавени, и тие се во согласност со меѓународното право, интересите на РМ, и нејзините перспективи во ЕУ и НАТО.

Тој потенцира дека  не е вистина оти со еден од предложените амандмани се брише АСНОМ.

-Вистината е дека не само што не се брише, туку дека наместо еднаш ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман се појаснува дека се повикуваме на правите решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ, рече Заев.

Тој додаде дека овие процеси кои ја придвижуваат Македонија напред отвориле пат за реформи, за расчистување со нерегуларностите и за градење правна држава.

-Како резултат на тоа се случи некои кои се чукаа во гради како големи патриоти родољуби на својот народ да избегаат. Нема кај да бегаат. Светот е големо село, порано или покасно ќе се вратат назад, затоа што на површина излезе целата ништожност, перфидност, па дури и своите другари и сопартијци  да се остават вака на милост и немилост. Па почнаа да зборуваат луѓето и процесот незапирливо се отвара за да на крајот да дојде правдата до крај за се, преку транспарентни и независни судски процеси, рече Заев.

Членовите на Сојозот на борците се согласуваат дека договорот со Грција и уставните измени се единственото можно решение за земјата. Иако со нив, велат тие, се прават и отстапки кои не ни се по волја на сите, тоа е единствено решение, подобро нема. Затоа, посочија, треба да останеме на тој европски пат и Македонија да им се придружи на сериозните, суверените и достоинствени земји.

Како што најави премиерот Заев, со вечерашната дебата се отвора серијата јавни дебати поврзани со уставните измени. Најави и дебати со експертската јавност, МАНУ, граѓанските организации, се со цел, како што рече, процесот да се заврши на најдобар можен начин.