Македонија
18. April 2016 - 14:29

Дебата за улогата на религијата во македонското општество

Луѓето кои ги знаат светите книги на своите соседи, светите книги на Стариот завет, Евангелието и Куранот, и кои го практикуваат тоа што автентично го пишува во нив, тие не се толерираат, туку се почитуваат и се разбираат и си помагаат во нивниот духовен живот. Верата секогаш повикува на духовно растење, развивање на нашата личност. 

Oва денеска го истакна презвитер Ивица Тодоров од Македонската православна црква - Охридска архиепископија во обраќањето на тркалезната маса на тема „Улогата на религијата во современото македонско општество“, што се одржа денеска во огранизација на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска рече дека идентификацијата на религијата на поединецот во Република Македонија останала да биде едно силно приватно приватизирано чувство.

- Сега се наоѓаме во еден меѓник во кој Република Македонија поединецот го чувствува на приватно ниво, својата религиска целесообразност, вероисповед, затоа што токму таа глобализација на светот, таа похота која се наметна на брзо уживање на материјалната благодет, тоа брзо стекнување на материјалните блага кон поединецот го натера човекот да се повлече, истакна Божиновска.

Посочи дека она што Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи го направила била анализата која ја упатиле до родителите, еден анкетен лист до децата и до родителите и да видат дали тие го прифатиле предметот етика на религии и запознавање на религиите.

Она што никој досега не го обзнани во медиумите, а е вџашувачки податок, нагласи, е дека над 85 проценти наставниците велат дека децата доаѓаат на часовите, дека безмерно има заинтересираност, дека го слушаат и дека бараат повеќе часови. 

- Нам ни фали наобразба од тој дел, да не живееме едни покрај други, туку да живееме едни со други. Законот можеме во овој момент да го ставиме во шкафовите, бидејќи е неупотреблив, бидејќи вие ни требате како Катедра да го опшириме, да го направиме подобар, додаде Божиновска.

Татјана Стојаноска Иванова од Институтот за социологија рече дека ако сме во вистински дух толерантни тогаш треба секој да го прифатиме без оглед на неговата вероиповед.

- Треба да се оди кон запознавање на религиите бидејќи на тој начин ќе придонесеме кон интеграција, ставајќи ги на пиедестал на најзначајни вредности од аспект на почитта, толеранцијата, чесноста итн.., оние морални дискурси кои се вткаени во учењата на големите религиски системи. Од тој аспект, децата всушност прифаќајки ги нив ќе ги вткаат во својот вредносен кодекс тие основни морални начела кои за жал денеска се загубени, потенцира Стојаноска Иванова.

Метин Изети, претставник од Исламската верска заедница и предавач на Државниот универзитет во Тетово, рече дека проблемот кој денеска е во тоа што нема правилен пристап кон религијата.

- Во религија во самата доктрина не можете да зборувате да толеранција, можете да зборувате за добро разбирање меѓу одредени религии, додаде Изети.

Според продеканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, тркалезните маси од овој вид, како и отворањето студии за изучување на религиите во голема мера можат да дадат придонес за надминување на сите проблеми кои ги носи современието. Посочи дека потребна е една поширока афирмација за сите зборови и учења да допрат до поголем дел граѓани на кои ќе им се доближат вистинските вредности на религијата со што ќе се отфрли и верската нетрпеливост меѓу сите заедници во Македонија.

На тркалезната маса учествуваат истражувачи на религијата од областа на социологијата, филозофијата, психологијата, антропологијата, историјата, класичните студии, како и преставници на различни верски заедници во Македонија.