Македонија
15. October 2018 - 9:14

Дебата за поглавјето 24 на тема „Миграциски текови и безбедносни предизвици“

„Миграциски текови и безбедносни предизвици“ е темата на Третата сесија на Работната група 4 – (Правда, слобода и безбедност – Поглавје 24) од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија (НКЕУ-МК), што ќе се одржи денеска во Клубот на пратениците во Скопје.

Во дебатата ќе се вклучат државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска, Андреј Лепавцов од Паневропската унија во Скопје, како и професорите од Универзитетот на ЈИЕ, Блерим Река и од Факултетот за безбедност при УКИМ Трпе Стојановски. Специјален гостин на конвенцијата е словачкиот експерт за миграции Мирослав Хованчик, од Одделот за анализа на ризик и статистика, кој се очекува да даде анализа за илегалната миграција во Република Словачка.

Според организаторор, целта на оваа работна сесија е да ја вклучи стручната јавност во дебата на која ќе се расправа за важноста на проблематиката поврзана со прашањата за евентуално нов мигранатски бран по старите рути, како и отворањето нови рути. Посебно внимание ќе се посвети на безбeдносните аспекти на нелегалната миграција, која континуирано се одвива низ територијата на РМ. На крајот на сесијата се очекува да се донесат препораки.

НКЕУ-МК е отворен и континуиран форум на дијалог за прашања кои одат во прилог на реформите и пристапниот дијалог за интеграција на Република Македонија кон ЕУ. Во актуелниов момент е активна во четири поглавја: Поглaвје 11 - Земјоделство и рурален развој, Поглавје 19 – Социјална политика и вработување, Поглавје 23 – Правосудство и основни права, Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност. НКЕУ-МК е проект кој го реализира Европско движење во Република Македонија во соработка со Словачката асоцијација за надворешни политики и со финансиска подршка на УСАИД и СловакАид.