Македонија
7. September 2017 - 13:48

Дебата за подобрување на основното образование во Македонија

Наставниците кои користат методи на дискусии и дебати имаа ученици со повисоки достигнувања. Во Македонија се уште доминантни се традиционалните методи на настави каде наставникот е пренесувач на знаењето, а  ученикот е пасивен примател, покажуваат податоците на граѓанската организација „Finance think“ кои денеска на тркалезната маса насловена  „Петки во дневник - Единици на ПИСА: Пет приоритети за подобрување на квалитетот на основното образование“ го презентираа истражувањето спроведено поради слабите оценки на тестирањето на ПИСА.

Според Ана Мицковска-Ралева од Центарот за истражување и креирање политики која е дел од истражувачкиот тим, анализата на ПИСА резултатите покажуваат дека мотивацијата на учениците е инструментална, дека тие најчето учат да се постигне добра оценка и да се задоволат родителите, а не се учи заради знаење. Наставниците, вели таа се чуствуваат недоволно консултирани во реформите во образованието како и недоволно подготвени за тие промени. 

Министерката за образование и наука Рената Тренеска-Десковска на презентацијата на резултатите рече дека е задоволна што граѓанските сектор е оној кој што ги нуди издржаните и стручни анализи, креативните предлози и професионалниот пристап кон решавање на проблемите.

- Препораките кои денеска се презентираат од истражувањето се поклопуваат со плановите и програмата на Владата на РМ за реформите во  образованието. Имаќји ја предвид темата, загрижена сум заради слабите постигнувања во континуитет на меѓународните тестирања и досегашното непреземање на активности за подобрување на аспектите коишто се заслужни за ваквите слаби резултати кои треба да бидат тема на сериозен пристап. Македонија досега учествувала на повеќе меѓународни мерења со кои се утврдува каде е образованието во нашата земја и каков е образовбниот процес наспроти другите држави кои имаат поголеми постигнувања како и кои се факторите кои влијаат врз постигнувањето на учениците. Резултатите на учениците од овие истражувања во Македонија беа под просекот, рече Тренеска-Десковска.

Најави дека се планираат повеќе активности од кои еден дел се системски промени во образовниот процес преку измена на законите и подзаконските акти. Во првиот дел во кој што веќе интервенирале е зголемување на буџетот за 2018 година. Многу од работите коишто треба да се променат, според неа, се однесуваат на мотивацијата на учениците и наставниците, на креативноста во работата и учењето, на инцијативота на инклузивноста на следење на современите трендови во настава и користење на современи методи. Министерката Тренеска-Десковска додаде дека за овие работи не треба промена на закон туку треба промена на односот и на менталниот склоп.

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија Чарлс Гарет истакна дека ја подржува ваквата дебата за која рече дека ќе помогне во националната стратегија за подобрување на основното образование во Македонија.

- Тоа е голема задача и сите имаат искуство и интерес. Учениците, родителите и наставниците се тие што имаат што да придонесат кон оваа дебата во подобрување на образованието, рече Гарет.

Според него студијата за квалитетот на образованието ќе биде клучот во областите кадешто треба да има подобрување во развојот на улилишните програми, мотивацијата, учењето и соработката на доусовршување.

Во однос на учебниците, Ана Томовска од Универзитетот Американ Колеџ рече дека податоците од истражувањето покажале дека дел од учениците сакаат учебници кои се напишани на разбирлив јазик, а дел од нив ги перцепираат дека не им се доволно јасни, дека им се пренатрупани со факти или имаат премалку информации.

- Во истражувањето се утврдува дека исто е многу важно начинот на којшто наставниците ги користат учебниците, односно на кој наставникот ќе успее добро да ја обработи темата, тогаш на учениците им е полесно дома да го совладаат материјалот. Мора да се фокусираме да се најде начин да се равива критичкото мислење на учениците, да ја потикнуваме внатрешната мотивација односно ученечниците да го учат тоа што го учат на училиште затоа што сакаат повисоки знаења, а не да учат за оценки, истакна Томовска.

Наставните планови, додаде, да бидат јасни и конкретни и да бидат прилагодени на ученици со различни образовни потреби. Во наставата да се користат наставни методи коишто стимулираат дискусии и активно учество на учениците во процесот на учење.