Македонија
17. January 2019 - 12:41

Дебата за нови технологии за гласање: Биометриска верификација, електронско гласање и автоматизација на изборниот процес

Уреди за биметриска верификација за изборите, како и можноста за електронско гласање и автоматизација на изборниот процес, беа некои од технологиите за кои беше дискутирано денеска во рамки на стручната тркалезна маса „Примена на нови технологии во изборните процеси“. За предностите и недостатоците на овие нови технологии разговараа учесниците на дебатата што е во организација на Државната изборна комисија за можноста за нивна примена во македонското општество. Заклучокот,сепак, е дека тоа е сложен и скап процес што бара голема финансиска и техничка поддршка и не е планирано да се примени на претстојните претседателски избори.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, смета оти е потребно да се разгледаат можностите за воведување на новите технологии за кои, како што рече, секогаш постои сомнеж при нивното воведување, но, сепак, е потребно да се следат трендовите во светски рамки.

– Се повеќе се употребуваат нови технологии во сите циклуси на избори и сметам дека и ние не треба да бидеме надвор од таа сфера и да пристапиме чекор напред, се разбира, претходно добро анализирајќи ги и проверувајќи ги тие работи и обезбедувајќи ја сигурноста на тие системи, нагласи Деркоски.

Напомена оти ДИК во својот кус мандат од речиси шест месеци се соочила со предизвик за брзо организирање и спроведување на референдум и по него одлучиле да направат анализа на се што треба да се направи во следниот период за подобрување на изборноит процес, меѓу кои е и можноста за користење на нови технологии.

– Јасно ни е дека тоа не може да се направи веднаш и избрзано и да се воведат за наредните избори, но, јасно е и дека треба да почнеме да го правиме тоа, рече Деркоски.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски истакна дека предизвикот со кој е соочена земјата во однос на изборниот модел и од тој аспект можните измени на Изборниот законик се поврзани и со контекстот во кој се води оваа дебата за воведување на нови технологии. Истакна оти за нив се потребни финансиски средства, а потребно е и зајакнување на соработката на сите институции инволвирани во изборниот процес во насока на читање на овие податоци.

– Најчесто се зборува за е-гласањето и автоматизиран систем за биометриска верификација за изборите. Факт е дека треба да размислуваме за е-гласањето. Многу наши граѓани, државјани живеат, работат, престојуваат во странство и го имаат уставно загарантираното право на глас, а со ваквиот начин на гласање се отвора можноста тие полесно да го искористат тоа право, нагласи Ташевска Ременски.

Истакна дека вреди да се размислува и за уредите за биометриска верификација, напоменувајќи дека биометриската база на податоци во моментов ја поседува МВР и додавајќи дека, секако, тоа не значи дека соработката со останатите институции, во овој случај ДИК, не би можела да се регулира на соодветен начин.

Ташевска Ременски додаде дека Кенија, Гана, Зимбабве веќе пристапиле кон употребата на биометријата во изборите, а во нашето опкружување Црна Гора користи авоматизиран систем за регистрација на траги од папиларни линии во делот на прочистување на Избирачкиот список со помош на црногорското МВР.

Јоана Косма од ИФЕС Македонија пред учесниците истакна дека различни се контекстите во кои овие технологии се применуваат во различни држави. Некои земји во светот, меѓу кои и во регионот, ги користат, а некои ги отфрлиле. Како предности на биометриката таа ги напомена спречување на повеќекратно гласање, зголемување на довербата и кредибилитетот на Избирачкиот список и на изборите генерално, а како недостатоци ги наведе случаите каде ваквите технологии не може да решат проблеми поврзани со државјанството, возраста и местото на живеење. Овие технологии се мошне скапи, може да се случи дефект на опремата, а може да биде и цел на кибер напад.

Во однос на е-гласањето, учесниците на дебатата напоменаа оти тоа се вовело во повеќе земји во светот, но, некои од познатите светски демократии го отфрлиле или го модифицирале. Франција прекинала со интернет гласањето, во Холандија ливчињата се бројат рачно, а истото тоа се прави и во Норвешка.

Пред присутните се обрати и Раул Муресан од ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека овие нови технологии треба да се разгледуваат и во контекст на набљудувањето на изборните процеси, нагласувајќи дека Македонија најверојатно го држи рекордот на бројот на набљудувачки мисии, околу 18 или 19, како што рече, и додаде дека во земјата се набљудуваат и предвремени и редовни парламентарни, но и локални избори што не е случај со други држави. Нагласи дека со новите технологии и нивното прилагодување на дадената земја може да се унапреди целокупниот избирачки процес.

Според Џабир Дерала од Цивил, новите технологии се мошне важни во изборниот процес, но, сепак, потребно е да се погледне реалната ситуација во земјава.

– Ако сакате да аплицирате за извод за матична книга на родени и ако ја погледнете нивната страница, ќе видите дека таа не е безбедна, дека има големи проблеми. Тоа е индикатор дека Македонија се уште не стигнала до некои основни нивоа на безбедност на новите технолошки решенија. Убаво е да се сонува, но дајте да ја погледнеме реалноста, рече Дерала и додаде дека новите технологии треба да се земат во предвид, но, оти во моментов не можеме да се надеваме дека тие кај нас наскоро ќе бидат воведени.