Македонија
16. May 2017 - 14:12

Дебата за надлежностите и капацитетите за работа на Народниот правобранител

Народниот правобранител на Република Македонија со новите законски измени добива повеќе надлежности и функции, но нема доволно финансиски и човечки капацитети за нивна реализација.

Тоа се заклучоците од извештајот од граѓанскиот мониторинг на работата на Народниот правобранител на Република Македонија, изработен во рамки на проектот „Омбудсманот-меѓу мандатот и капацитетите“ на НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Народниот правобранител Иџет Мемети, рече дека правната рамка за поставување на институцијата Народен правобранител во Република Македонија е многу добро поставена, но од друга страна не успева да ги даде резултатите.

- Потребни се реални услови за спроведување на прописите.  Не може оваа институција да се справи со сите предизвици кои го има, особено со новите измени, ако нема човечки ресурси и финансии. Овие два сегменти се клучни за добро функционирање на институцијата, а токму на овие сегменти власта имала и се уште има можност да ја блокира работата, рече Мемети.

Посочи дека мисија на Народниот правобранител е доброто владеење на правото и како на подобар начин да се промовираат и штитат човековите права, но се додека не се овозможат јаки кадровски капацитети и доволно средства нема да може со полна ефективност да ја извршува функцијата. 

Според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, институцијата Омбудсман секаде во светот е замислена да дејствува во држави кои вложуваат во своите демократски процеси за да може да се почуствува ефектот. 

- Не е доволно само да се стави на хартија, да му се даде мандат и да се прошират надлежностите. Најважна е финансиската независност. Народниот правобранител од неговото основање до денес не може да го добие тоа да може сам да ги креира своите политики, вработувања и на тој начин да ги подобрува капацитетите на институцијата, изјави Пировска.

Во извештајот се заклучува дека државата начелно покажува волја за унапредување на улогата на оваа институција во промоција и заштита на човековите права, но искуството покажува дека нормативната волја на државата е во расчекор со политичката волја.

Народниот правобранител, се заклучува во извештајот, мора да може непречено, независно и стручно да ги развива своите капацитети за да може успешно и ефикасно да ги исполнува своите законски надлежности.