Свет
29. October 2015 - 14:29

Дебата „Време на ниски каматни стапки“

Дали ниските каматни стапки ќе продолжат и во наредниот период, како тоа се одразува на населението и што да прават штедачите и компаниите за да извлечат максимум за себе, беа теми на денешната дебата „Време на ниски каматни стапки“ во организација на Македонска берза АД Скопје и бизнис магазинот „Економија и бизнис“. 

Вицегувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска истакна дека депозитниот потенцијал за македонската економија е од клучно значење со оглед на тоа што финансирањето на реалниот сектор кај нас е доминирано токму од тој извор - од банкарскиот сектор, а главните извори на финансирање на банкарскиот сектор се депозитите, односно, кредитниот потенцијал е клучната детерминанта на кредитниот раст, а од таму и поддршката за економскиот раст.

- Централната банка будно ги следи движењата кај депозитниот раст. Ние во последниве години имаме солиден депозитен раст, постојано ги следиме движењата генерално и кај депозитниот, кредитниот потенцијал, макроекономските движења. Последната мерка која што неодамна ја преземавме е токму насочена во поддршка на штедењето и тоа пред се, во долгорочното штедење и штедењето во домашна валута бидејќи остава простор за поголема трансмисија на монетарната политика. Според нашите анализи очекуваме, како резултат на оваа мерка која што ние ја преземавме, а која што треба да вроди со позитивни биланси врз банките ќе стимулира понуда на нови финансиски инструменти стимулативни за штедењето на населението, рече Ангеловска Бежоска.

Според главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев, состојбата на ниски каматни стапки која постои на глобално ниво, но е присутна и во нашата економија е историски феномен без преседан, кој што ги афектира и корпорациите и домаќинствата и финансиските посредници, нешто на кое, вели, сите треба да се прилагодат. Од аспект на Берзата тоа е исто така многу битно, затоа што, нагласува, ги отвора оние прашања зошто кај нас нема нови емисии на акции и на корпоративни обврзници.

- За разлика од многу други пазари каде што во услови на ниски каматни стапки доаѓа до раст на цените на другите активи, вклучително и на хартиите од вредност, во регионот и на Македонска берза тоа не е случај кај нас, вели Штериев.

Лазе Камчев од КД-фонд посочи дека во услови на ниски каматни стапки на депозитите акциските фондови се добра можност за долгорочно вложување каде што споредено со генералните каматни стапки во Македонија, нудат на среден и на долг рок поголема можност за остварување поголема стапка на поврат на средства.

- Топ брендови ни е последниот отворен инвестициски фонд, каде што одбравме 40-тина компании кои што се достапни и познати за најголем дел од клиентите, како Мајкрософт, Гугл, Епл, Сименс, БМВ, Најк, Волт Дизни. Сите тие се високо-капилаизирани, нудат натпросечна стапка на дивиденда. Почнувајќи од 100 денари вредност на уделот од септември лани до денеска е 110 парични единици, што значи дека во период од 12 месеци има поврат од некаде околу 10 отсто. При тоа мора да истакнам дека вложуњата тука се во валута долари што значи дека штедењето, односно инвестирањето не е врзано со македонскиот денар. Ризиците постојат кај сите облици на штедење и инвестирање. Затоа сме тука за да ги менаџираме и на некој среден и долг рок оствариме приноси, рече Камчев.   

Зоран Јовановски кососпственик на бизнис магазинот „Економија и бизнис“ најави дека ова е првата од серија дебати што ќе ги организираат на суштински економски теми.