Македонија
22. April 2018 - 17:22

Дебата: Потребна ли е декриминализација на употребата на марихуана?

Слободна употреба на канабисот бараат од здружението Зелена Алтернатива од каде сметаат дека конзумирањето на оваа билка треба да се тргне од сите регулативи. Здружението  Зелена Алтернатива бара преку јавна дебата да се изнајде најсоодветниот модел на закон за употреба на марихуана. Да се  декриминализира канабисот  и да се адаптира регулативата согласно домашните потреби за  да биде применлив за пациентите и корисниците на канабис. Од ова здружение не ја осудуваат активистката која беше приведена за пушење џоинт јавно, туку се против начинот на кој таа го претставува конзумирањето на оваа билка.

Адвокатот Драги Пешевски за случајот вели  не е кривично дело, бидејќи согласно член 215 забрането е производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а не и конзумирање. Пешевски вели во Македонија има стручен кадар но може да се земе пример и од европските земји за декриминализарење на канабисот.

- Апсолутно сум за и потребно е да се декриминализира особено за медицински цели. Тоа не значи легализација туку поведување под прекршочна одговорност,изјави адвокатот Драги Пешевски

И Владата е отворена за дебата за легализацијата на марихуаната.

- Владата на Република Македонија, следејќи го принципот на слобода на говор и отворена дебата секогаш ќе ја охрабрува јавноста и граѓанските организации да отворат дебати за сите прашања кои се од интерес на граѓаните на земјава и очекува за истите да се разговара без предрасуди, базирано на факти, како и врз основа на јасни индикатори. Владата на РМ секогаш ќе ги носи своите одлуки врз база на презентирани аргументи и ќе се води од приоритетите и интересите на граѓаните.

Случајот со скопјанката која јавно пушеше џоинт повторно ја разбранува јавноста. Девојката која објави видео на кое пуши марихуана на улица во Скопје,  беше приведена во Градскиот парк, на фестивалот „Конопфест“. Истата повторно сними нови видеа откако беше пуштена од полициска станица.