Македонија
14. March 2020 - 10:33

Дебарскот пазар без пазарџии и купувачи, движењето намалено на минимум и во Центар Жупа

Поради прогласувањето кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, по зголемениот број заразени од коронаврус, дебарскиот пазар денеска остана празен.

Вообчаено во сабота, кога е пазарен ден во Дебар, пазарот вриеше од луѓе, зашто освен локални жители, тука да пазаруваат доаѓаа и жителите од Центар Жупа, од пограничните села во Албанија, како и жители од областа Голо Брдо.

Исто така, денеска изостанаа и понудувачите на разни производи кои доаѓаа од Тетово, Гостивар,Струга и Охрид.

Како во Дебар така и во Центар Жупа движењето е намалено на минимум, од своите домови излегуваат само оние кои имаат неодложна работа.

– Се плашиме, бројот на заразени се зголемува, ние сме мало место сите се познаваме. Го нема некогашното поздравување, секој се заштитува како што знае, вели Јованка Гиговска, која, како што ни рече претрчала само да набави лекови.

За разлика од претходните два дена кога вработените во маркетите  и другите трговски дуќани не можеа да земат здив од големата побарвачка, главно на брашно, масло за јадење, тестенини, како и средства за хигена, денеска сликата е сосема поинаква.