Македонија
14. January 2019 - 11:47

Дебарските деца-суројчари посакаа повесела година

Во Дебар децата-суројчари денеска ја продолжија вековната традиција, посакувајќи посреќна, повесела и побериќетна година.

За разлика од некогаш кога на овие простори живееле поголем број православни жители само во градот имало по повеќе од десет групи, составени од по десеттина деца, но последните години оваа традиција ја продолжуваат најмногу две групи, од по четири до пет деца. Годинава беше само една група составена од пет деца. Тие ги посетија православните домови и на домаќините им посакаа среќна и бериќетна година.

Децата во рака држат суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.

Откако домаќините ќе ја отворат вратата тие ги „удираат“ по глава и пеат „Сура,сура година, до година повесели…“, по што се дарувани пред се со пари, но и со благо, костен и ореви.

Како што налага вековната традиција денеска домаќинките подготвуваат пита или како што дебрани го нарекуваат виткан комат со паричка, која каде ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.

Василичарска погача, традиција од пред околу три децении, кршеа и жените. Паричката од погачата што ја подготви годинешната кума Иванка Апостоловска-Јаковлевска и се падна на Нада Љубиновска.