Македонија
22. April 2019 - 16:57

Дебар доби градоначалник, битката продолжува за Охрид и Ново Село

Докторот Хекуран Дука е нов градоначалник на Дебар. Тој како кандидат на ДУИ триумфираше уште во првиот круг од предвремените локални избори што се одржаа вчера, заедно со претседателските. Дука освои 4106 гласа или 50,9 %, додека неговиот противкандидат од Алијасата за Албанците, Арбен Аголи успеа да собере 3843 гласови, односно 46,77 %.

Освен во Дебар, за градоначалник се гласаше и во Охрид и општина Ново Село, но и во двете општини немаше кандидат кој освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.

Охриѓани градоначалник ќе избираат во вториот изборен круг, бидејќи ниту еден од петмината кандидати не успеа да освои доволно гласови во првиот. Во финале влегуваат Константин Георгиески од СДСМ кој освои 13.037 гласа, или 46, 37 %  и Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ со 10.614 гласа, односно 37,75 одсто.

На третата позиција се најде Михаил Трендафилов Нанче од ГДУ со 1.655 гласа, по што следуваат Стевче Стевоски од партијата Демократи со 1.003 гласа и Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА со 553 гласа.

И трката за испразнетото градоначалничко столче во Ново Село ќе продолжи во вториот круг. По првиот круг во водство е кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков со 2753 гласа, или 49,61 %, пред кандидатот на СДСМ Никола Ангелов кој освои 2693 гласа, односно 48, 53 %.

Вториот круг е закажан за 5ти мај, заедно со финалното гласање за претседател на државата.