Свет
13. March 2016 - 10:29

Де Мистура: Нема план „Б“ за прекин на војната во Сирија, освен мировните преговори во Женева

Нема никаков план „Б“ за прекин на војната во Сирија, освен меѓусириските мировни преговори во Женева, во интервју за телевизијата „Ал Џазира“ изјави специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стафан де Мистура, цитиран од ТАСС.

„Судејќи по ова што денеска го гледаме, план „Б“ претставува само продолжување на ужасниот конфликт. А знаете ли кој ќе биде жртвата на тоа? Сирискиот народ“, рече емисарот.

-Шансите за успех на преговорите се поголеми од било кога претходно, рече Де Мистура. „Прво, имаме импулс, како од хуманитарна гледна точка, така и од гледна точка на намаленото ниво на борбни дејствија. И во двете ситуации позитивните напори се недоволни, но има движење во правилен правец“, забележа тој. Освен тоа, мировниот процес едногласно е поддржан од Советот за безбедност на ОН, што не беше присутно претходно, подвлече дипломатот. И трето, располагаме со таканаречените Контакт групи, Виенска група од 18 земји, од Саудиска Арабија до Иран, од Катар до Турција, од САД до Русија, чии претставници седат во една соба и го разгледуваат  наоѓањето решение за Сирија на политичко, а не на воено ниво. Тоа се потенцијално добрите вести, истакна Де Мистура.

Специјалниот пратеник на ОН не ја исклучи можноста на преговорите да се покрене и прашањето за федерализација на Сирија. паралелно со тоа тој категорично се изјасни против секакви идеи за поделба на земјата.

Де Мистура подвлече дека е многу важно да се зачува целоста на Сирија, од која дел контролираат владините сили, друг дел  силите на вооружената опозиција, трет курдските формации, а четврт екстремистите од редовите на терористичките организации, вклучително и на Исламска држава и Фронтот „Ан Нусра“.

-Ќе се најде начин сириските Курди да бидат вклучени во преговорите во Женева. Сириските Курди се Сиријци и поради тоа тие треба да бидат дел од дискусиите за иднината на Сирија, исто како христијаните, сунитите, алавитите и шиитите, сите треба да се представени таму, додаде Де Мистура.